недела, ноември 15, 2026
Дома БАЛКАН Пропадна милионскиот проект на Џаред Кушнер во Србија: Генералштабот не стана хотел...

Пропадна милионскиот проект на Џаред Кушнер во Србија: Генералштабот не стана хотел за зетот на Трамп

2

Србија е во процес на раскинување на договорот со компанија во сопственост на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трам, кој се однесува на „ревитализација“ на комплексот на поранешниот Генералштаб на Југословенската народна армија (ЈНА) во Белград. Овој проект предвидуваше изградба на комерцијално-станбен комплекс вреден повеќе милиони евра, објавија белградските медиуми.

Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија за Радио-телевизија Србија (РТС) потврди дека раскинувањето на договорот е „во фаза на формализирање“ и се очекува да биде завршено на почетокот на неделава. Претходно, неделникот „Време“, повикувајќи се на извори од српската влада, објави дека „договорот е раскинат, при што двете страни се откажуваат од какви било меѓусебни побарувања“.

Ваквиот исход значи дека Србија ќе избегне меѓународна арбитража и потенцијално плаќање пенали поради неисполнување на своите обврски од договорот.

„Случајот Генералштаб“ е под лупа на јавноста речиси две години, уште откако Владата во мај 2024 година потпиша договор со фирмата „Афинити“ (Affinity) на Џаред Кушнер за „ревитализација“ на комплексот на поранешниот Генералштаб на ЈНА во центарот на Белград, локација која беше делумно уништена за време на повеќемесечното бомбардирање на НАТО во 1999 година.

Според условите во договорот – кој сè уште не е јавно објавен – Србија му го дала земјиштето под закуп на компанијата на 99 години, со план на местото на урнатините да се изградат две високи згради со станови и хотели. Стручни институции и организации, како и српската опозиција и граѓанското општество, се спротивставија на пренамената на објектите во овој комплекс – изградени помеѓу 1955 и 1965 година и заштитени како културно добро поради нивната архитектонска вредност.

Неделникот „Радар“ подоцна откри дека Србија се обврзала да го укине заштитениот статус на комплексот, на свој трошок да ги урне постојните оштетени објекти и да го отстапи земјиштето – бесплатно – на период од 99 години. Според неделникот „Време“, договорот предвидувал Србија да има рок од две години – до мај 2026 година – за да ги исполни овие ветувања, а во спротивно, инвеститорот би можел да побара отштета во износ до 50 милиони евра.

Во ноември 2024 година, Владата го укина статусот на комплексот како културно добро – потег проследен со многу контроверзии и обвинувања дека бил извршен под притисок. Во меѓувреме, Обвинителството за организиран криминал утврдило дека Владата ја донела одлуката врз основа на фалсификуван предлог.

Горан Васиќ, кој бил директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, за време на сослушувањето во мај 2025 година признал дека го фалсификувал документот. Како последица на тоа, на 15 декември истата година, Обвинителството за организиран криминал поднесе пријави против министерот за култура, Никола Селаковиќ, секретарката на Министерството, Славица Јелача, како и против раководителите на два надлежни завода, Горан Васиќ и Александар Ивановиќ.

Истиот ден беше објавено дека Кушнер се повлекол од проектот. Претходно, во Соединетите Држави, за време на изборната кампања за вториот мандат на Доналд Трамп, беше покрената истрага за деловното работење на компанијата на неговиот зет, Џаред Кушнер.

 

Истрагата беше иницирана од Комитетот за финансии при Сенатот на американскиот Конгрес. Според „Гласот на Америка“, демократот Рон Вајден, кој ја предводел истрагата, изјавил дека претставници од Србија и Албанија ѝ пристапиле на компанијата „Афинити“, со деловни предлози за инвестирање.

Според „Гласот на Америка“, Вајден исто така побарал детален опис на условите од сите договори склучени помеѓу компанијата „Афинити“ и Владата на Србија, кои се однесуваат на развојот на недвижности во Србија.

Тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, во јуни 2024 година се пофали дека се сретнал со Џаред Кушнер во Белград. На својот профил на Инстаграм тој напиша дека станувало збор за „инспиративна размена на идеи“, додавајќи дека му го покажал Белград на гостинот и му „претставил дел од плановите за уште побрз развој на градот“. Вучиќ и Српската напредна партија ги загубија парламентарните избори во Србија на 25 октомври оваа година, а по победата на листата на студентското движење, се очекува бројни договори склучени за време на власта на СНС, кои можат да се поврзат со коруптивни практики, да се најдат под лупа.

 

ИЗДВОЕНИ