EPA/HAN MYUNG-GU

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас и Италијанецот Јаник Синер би можеле да го пропуштат Отвореното првенство на САД. Италијанскиот доктор Џани Даниеле е особено загрижен за Шпанецот, кој е надвор од терените четири месеци. Карлос Алкарас нема играно на натпревар четири месеци, додека Јаник Синер последен пат беше на теренот во текот на Вимблдон.

Сè уште нема официјална потврда дали ќе се појават тие во Њујорк. Сепак, ако одлучат да настапат, ги чека исклучително тешка задача. Недостигот на натпревари, особено на бетон, може да биде сериозен хендикеп пред турнирот што се игра во три освоени сета.

Нивната ситуација, сепак, не е иста. Додека Синер има проблем што би можел да се реши до почетокот на натпреварувањето, Алкарас се соочува со многу поголеми предизвици по долгата пауза.

Ова го нагласи Џани Даниеле, претседателот на медицинската комисија на Италијанската тениска федерација, за италијанскиот весник „Република“.

– Мислам дека не треба да се преувеличува проблемот со Синер и дека тој ќе биде подготвен за Отвореното првенство на САД – рече Даниеле, коментирајќи го фактот дека тенисерот број еден во светот се повлече од турнирите во Монтреал и во Синсинати.

Според него, проблемот со коленото на Синер е последица на враќањето во премногу интензивен тренинг-процес, по освојувањето на Вимблдон.

– По победата во Лондон, тој добро се одмори, а потоа почна премногу интензивно да тренира на бетон и коленото реагираше – смета тој.

Кога станува збор за Алкарас, италијанскиот стручњак има повеќе причини да се грижи. Шпанецот е надвор од терените со месеци, а враќањето по таква пауза не е само физички предизвик.

– Мислам дека сега ќе има проблеми од психолошка природа – смета Даниеле.

Тој конкретно посочи на можноста Алкарас да мора да се справи со стравот од повторна повреда кога повторно ќе почне да тренира со полн интензитет.

– По таква повреда и долга пауза, не е лесно да се врати на теренот и да почне со тренинзи со максимален интензитет. Веројатно, развил еден вид депресија – смета тој.

ИЗДВОЕНИ