Филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, вечерва (12 ноември) ќе има кинопремиера во „Синеплекс“ по што ќе биде на редовен репертоар.

Ова остварување беше прикажано на затворањето на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а светската премиера ја имаше во септември, на фестивалот во Олденбург, Германија.

Филмот е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко преплетени. Филмот следи двајца новинари во движење, бркани од сенките и од времето.

Идејата е на Јанаќијевиќ, сценариото е на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, а во филмот играат Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Монтажер е Мартин Иванов, композитор е Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимографка е Лидија Георгиева, дизајнерка на филмска шминка Снежана Ангеловска-Живковска, а дизајнер на звук – Дарко Спасовски. Филмот е во продукција на „Ново македонско видео“, односно „Њу момент“.

ИЗДВОЕНИ