четврток, август 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија скокна за 29 места на глобалниот индекс за сајбер-безбедност

Македонија скокна за 29 места на глобалниот индекс за сајбер-безбедност

18

Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), каде што годинава се пласираше на 30. место меѓу 155 рангирани држави. Земјава освои 84,17 од можни 100 поени, што претставува скок од 29 позиции во однос на претходното рангирање.

Според Министерството за дигитална трансформација, резултатот ја вбројува Македонија меѓу државите со високо ниво на подготвеност за спречување и управување со сајбер-закани и инциденти.

Индексот го развива естонската Академија за е-управување (e-Governance Academy – eGA), а подготвеноста на државите се оценува преку 49 индикатори во 12 области. Во оценувањето се земаат предвид законската и стратешката рамка, институционалните механизми, превентивните мерки и капацитетите за одговор на сајбер-закани, како и докази за нивна практична примена.

Македонија добила максимални оценки во повеќе области, меѓу кои сајбер-политиките, заштитата на критичната инфраструктура, заштитата на личните податоци и борбата против компјутерскиот криминал.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека напредокот претставува меѓународна потврда за спроведените реформи во законската рамка и институционалната координација.

„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати“, изјави Андоновски.

Од Министерството посочуваат дека подобрениот резултат, меѓу другото, се должи на донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028.

Оттаму најавуваат продолжување на активностите за зајакнување на дигиталната отпорност, со фокус на заштитата на јавните услуги, личните податоци и критичната инфраструктура, како и на подобрување на капацитетите за реакција при сајбер-инциденти.

ИЗДВОЕНИ