Конфликтот на Блискиот Исток дополнително ескалираше откако Израел започна нови напади врз Иран и Либан во вторникот, додека Техеран одговори со бран одмазда. Израелската војска објави дека бомбардирала клучни државни цели во Техеран и им наредила на трупите да напредуваат подлабоко на либанската територија. Иран набрзо возврати со серија напади.
За време на конфликтот, Иран погоди цели во најмалку десет земји – меѓу нив Ирак, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Јордан, Израел, Бахреин, Кувајт, Катар и Кипар, пишува „Вашингтон пост“.
Властите и министерствата за одбрана во земјите од Персискиот Залив објавуваат извештаи за пресретнати ракети и беспилотни летала лансирани од Иран кон нивните територии. Воздушната одбрана постојано реагираше на бранови балистички ракети и беспилотни летала.
Обединетите Арапски Емирати во вторник објавија дека од почетокот на конфликтот откриле вкупно 186 балистички ракети, осум крстосувачки ракети и дури 812 беспилотни летала. Повеќето од тие ракети и авиони, според властите, биле успешно пресретнати од нивната противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, бројот на загинати американски војници се зголемува. Досега, шестмина од нив се убиени во операции против Иран. Централната команда на САД (CENTCOM), исто така, објави дека шест члена на екипажот успеале да се катапултираат откако три американски борбени авиони Ф-15Е Страјк Игл беа соборени над Кувајт во инцидент со пријателски оган.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го обвини Доналд Трамп дека „од инат ги саботира преговорите“, во нова објава на социјалните мрежи.
„Кога сложените нуклеарни преговори се третираат како недвижен имот, а големите лаги ја замаглуваат реалноста, нереалните очекувања никогаш не можат да се исполнат. Исходот? Саботација на преговарачката маса од инат“, наведе тој.
Тој додаде дека Трамп „ја предал дипломатијата и Американците што го избрале“.
Во меѓувреме, утрово силна експлозија го потресе источен Техеран, јавуваат светските медиуми.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во средата предупреди дека секој нов ирански лидер назначен од врвните ирански свештеници ќе биде „недвосмислено цел за елиминација“, откако високи функционери се собраа во Техеран за да изберат наследник на убиениот ајатолах Али Хамнеи.
Кац на платформата X изјави дека „секој лидер именуван од иранскиот терористички режим ќе биде цел за елиминација, без оглед на името или местото на криење“. Тој ја изрази својата намера да продолжи да дејствува со полна сила заедно со американските партнери со цел, според Кац, да ги демонтира капацитетите на режимот и да создаде услови за промени во Иран.
Релевантното тело, Собранието на експерти, се состанува виртуелно за да избере нов врховен лидер откако Хамнеи беше убиен во првите напади од американско-израелската кампања во саботата.
Избран новиот врховен лидер на Иран: Кој е човекот во чии раце сега е судбината на земјата?
Иранците ќе се збогуваат со ајатолахот Али Хамнеи на тридневна церемонија што започнува вечерва во Техеран, објавија државните медиуми. Врховниот лидер беше убиен во првиот бран американско-израелски напади во сабота наутро.
Церемонијата ќе започне во молитвениот центар на имамот Хомеини, познат како Мосала, во Техеран во 22:00 часот по локално време.
Церемонијата ќе трае три дена, а деталите за погребната поворка ќе бидат утврдени подоцна.












