Бројни неправилности утврдил Државниот завод за ревизија во работењето на Министерството за односи меѓу заедниците во 2024 година. Ревозорите утврдиле слабости во: финансиското управување, исплата на платите, јавните набавки, пописот на средствата, реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, набавката на нафтените деривати, сервисирањето на моторните возила и системот на внатрешни контроли во Министерството за односи меѓу заедниците…
-Утврден е нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28% од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот – се наведува во објавениот извештај.
За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција.
-Во однос на реализација на договорите за јавни набавки ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка – се наведува во ревизорскиот извештај.
Со извршената ревизија на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, по која на 33 здруженија и фондации исплатени се средства во износ од 19.800 илјади денари, односно 320.900 евра, ги утврдивме следните состојби:
Програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година, кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот („буџетот за 2023 година е донесен на 27.12.2022 година“) како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации;
следењето на спроведувањето на активностите од Програмата е обврска на одделението за соработка со здруженија и фондации, во кое во 2024 година во периодот на реализација на програмата, од девет предвидени работни места, не е пополнето ниту едно работно место;
Комисијата за распределба на финансиски средства за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на Министерството составена од 18 членови од повеќе државни институции, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на комисијата за 138 поднесени апликации опфатени со Предлог ранг листата;
здруженијата и фондациите кои се стекнале со правото на користење средства од Министерството, дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик;
согласно Извештајот за користење на распределените средства и за постигнатите резултати од поддржаните активности на здруженијата и фондациите за 2023 година, од вкупно 33 здруженија и фондации, 17 односно 51% од нив треба да извршат поврат на средствата во Буџетот на државата во износ од 1.225 илјади денари, односно 19.850 евра, од причина што не доставиле докази за трошење на средствата. До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле средства во износ од 361 илјада денари, со две здруженија се води постапка за медијација за враќање на средствата во износ 264 илјади денари, додека за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на средства во износ од 600 илјади денари.
За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010 илјади денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 -Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи, или за 61% од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените.Со Законот за преземање на административни службеници вработени преку Потпрограма К5 во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, предвидено е Министерството по преземање на вработените, да донесе измена на актот за систематизација на работните места со цел усогласување со потребите на Министерството. Актите за внатрешна организација и систематизација на Министерството, во период од нивно донесување во 2019 година па се до 2025 година изменети се шест пати, со добиени согласности. Заклучно со 31.12.2024 година од предвидените 2.556 работни места пополнети се 244 работни места односно пополнетост од 10% поради неизвршени усогласувања со одредбите од законот што влијае на реалното согледување на потребните капацитети на Министерството.












