четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Трамп доби зелено светло да продолжи со војната, ајатолах ги повика Иранците...

Трамп доби зелено светло да продолжи со војната, ајатолах ги повика Иранците да му ја пролеат крвта. Нема надеж дека убивањето и уривањето ќе завршат

1728
epa12794457 An Iranian man places Iran's national flag among the ruins of a damaged police station building in central Tehran, Iran, 04 March 2026. A joint Israeli and US military operation continues to target multiple locations across Iran since the early hours of 28 February 2026. EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Со гласовите на републиканците, Сенатот ја отфрли резолуцијата предложена од демократите, според која Трамп не би смеел да ги продолжи воените операции без дозвола од Конгресот. Официјален претставник на САД информира дека во Иран влегле курдски војници обучени од ЦИА, со што почнала копнената офанзива, но тоа е демантирано од неколку извори. Конфликтот уште повеќе се шири низ регионот. Иран со два дрона го нападна и Азербејџан, иако, како и Турција, не учествува во војната

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, и официјално има одврзани раце за војната во Иран. Со гласовите на републиканците, Сенатот ја отфрли таканаречената резолуција за воени овластувања предложена од демократите, според која Трамп не би смеел да ги продолжи воените операции без дозвола од Конгресот.

Жестокоста на воените дејства и од страна на САД и Израел и од страна на Иран не попушти ни во четвртокот, шестиот ден од почетокот на војната. Агенцијата „Анадолија“ пренесе соопштение на иранското Министерство за здравство, според кое од почетокот на воените дејства на САД и на Израел, на 28 февруари, досега во Иран се убиени најмалку 926 луѓе, а повеќе од 6.000 се повредени. Од загинатите, 18 проценти се жени, 108 имаат помалку од 18 години, меѓу кои едногодишно дете и три помлади од пет години.

Додека САД и Израел напаѓаат во Иран и, според нивните извештаи, повеќе градови, вклучувајќи го и главниот, Техеран, се срамнети со земја, Иран продолжува со одмаздничките напади врз земји од регионот за кои смета дека се американски сојузници.

Официјален претставник на САД рече за „Фокс њуз“ дека во четвртокот почнале копнена офанзива во Иран, односно дека илјадници курдски војници обучени и опремени од ЦИА, преку Ирак, влегле во Иран. Но, иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека нејзините новинари во три погранични провинции ги демантираат тие информации. Демант дојде и од заменик-шефот на кабинетот на премиерот на Курдскиот Регион во Ирак, Азиз Ахмад.

– Постојат спротивставени извештаи за тоа што се случува моментално во северозападен Иран, во близина на границата со Ирак. Не е јасно дали е почната копнена офанзива од страна на иранско-курдските милиции или би можела да почне во наредните часови. Висок ирански функционер во еден момент му го соопштил фактот на друг ирански функционер дека е почната офанзивата – објави „Гардијан“.

Весникот наведува и дека во интензивни бранови воздушни напади во четвртокот биле погодени десетици воени позиции, гранични пунктови и полициски станици покрај северните делови од границата на Иран со Ирак, во она што се чини дека е подготовка на САД и Израел за нов фронт во војната. Американски функционер запознаен со разговорите меѓу Вашингтон и курдските претставници изјави дека САД се подготвени да обезбедат воздушна поддршка доколку курдските борци ја преминат границата од северен Ирак. Сепак, Нечирван Барзани, претседател на Курдскиот Регион во Ирак, рече дека тој регион „не смее да стане дел од никаков конфликт“.

Иран објави дека нема да преговара, а иранската државна телевизија емитуваше порака од големиот ајатолах Абдолах Џавади Амоли во која тој повикува на пролевање на крвта на Израелци, на американскиот претседател, Доналд Трамп, и на „нему сличните“.

– Борете се против ционистите и пролејте ја нивната крв! Ќе одговорам за нивната крв. Борете се против угнетувачката Америка и пролејте ја нејзината крв! Ќе одговорам за нивната крв – рече тој.

Конфликтот од четвртокот уште повеќе се шири низ регионот. Иран со два дрона го нападна и Азербејџан, иако, како и Турција, над која беше соборена иранска ракета во средата, не е учесник во војната.

– Овој напад со беспилотни летала врз аеродромот во Нахчиван е или несреќа или знак дека има поголема ескалација во регионот – изјави за Радио Слободна Европа Рауф Миргадиров, независен аналитичар со седиште во Европа.

Според податоците што ги собрала агенцијата „Анадолија“, само во првите четири дена од војната САД загубиле опрема вредна речиси две милијарди долари, од која најскап бил радарски систем од 1,1 милијарда долари. Уништени се и авиони, како и неколку згради, бидејќи Иран од саботата напаѓа седум американски воени локации на Блискиот Исток. САД признаа дека загубиле седуммина војници, од кои четворица се идентификувани.

ИЗДВОЕНИ