Моќен циклонски систем кој се преместува од Џенова кон источниот дел на европскиот континент ќе донесе силен и бурен ветер во Македонија, со локални удари и над 100 километри на час. Метеоролошката нестабилност ќе трае до петок, 20 ноември, а најсилни налети на ветерот се очекуваат во западните делови од земјава.
Во центарот на циклонот воздушниот притисок ќе се спушти на околу 987 хектопаскали, што ќе придонесе за засилување на ветерот од западен и југозападен правец.
Според метеоролошките најави, најкритично ќе биде денеска, во попладневните и вечерните часови, како и во текот на ноќта кон петок. Во западните предели ветерот повремено ќе има оркански интензитет, со брзина од 80 до 100 километри на час.
Метеорологот Славчо Попоски апелира граѓаните да бидат особено внимателни и навреме да ги заштитат своите автомобили. Се препорачува возилата да не се паркираат во близина на дрвја, особено стари и осамени, поради опасност од кршење гранки или паѓање дрвја.
Се предупредува дека силниот ветер може да предизвика материјални штети.
Покрај ветерот, времето ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди и локални врнежи од дожд. Во западните делови дождот повремено ќе биде пообилен, а можна е и појава на грмежи.
И покрај нестабилното време, температурите ќе останат невообичаено високи за ноември, односно за 6 до 8 степени над просекот. Дневните температури ќе се движат од 15 до 24 степени, додека во Скопје и околината ќе достигнат околу 20 до 21 степен.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени сончеви периоди и послаби врнежи од дожд. Ќе дува засилен до силен ветер од јужен и југозападен правец, кој во одделни делови од котлината и околината ќе достигнува брзина од околу или над 60 километри на час.











