четврток, ноември 19, 2026
Дома БАЛКАН Словенија ги отвора вратите на Убер и Болт – воведени нови правила...

Словенија ги отвора вратите на Убер и Болт – воведени нови правила за такси-возачите

0

Во средата, словенечката влада усвои предлог за измени на Законот за патен транспорт, со кој се овозможува давање такси-услуги преку електронски апликации, се менува начинот на пресметување на цената на превозот (напуштајќи го исклучителното потпирање на традиционалните таксиметри) и се воведува задолжително познавање на словенечкиот и други јазици за такси-возачите.

Како што објасни државниот секретар за мобилност и транспорт, Марко Дворник, на прес-конференција, клучната промена е воведувањето на дигитални апликации – како што се Убер и Болт и слични услуги – како алтернатива на традиционалниот систем за наплата преку таксиметри, пренесе новинската агенција СТА (STA).

Со години, статусот на Убер и Болт и сличните дигитални платформи остануваше правно нерешен во Словенија, што практично го спречуваше Убер да работи на словенечкиот пазар во својата стандардна форма.

Според предложените законски измени, апликацијата мора да го информира патникот – пред почетокот на возењето – за планираната рута, максималната можна цена и деталите за возилото. Исто така, таа мора да овозможи следење на рутата за време на патувањето и да издаде електронска потврда по завршувањето. Плаќањата преку апликацијата мора да бидат исклучиво безготовински. Новото законско решение го поправа претходниот пропуст во однос на употребата на таксиметрите, па цената на возењето ќе се пресметува врз основа на изминатото растојание или поминатото време, а не повеќе врз основа на двата критериуми истовремено – што претходно овозможуваше двојна наплата и предизвикуваше незадоволство кај патниците. Инспекторатот сега ќе има поголеми овластувања за санкционирање на ваквите нефер практики, а предвидени се и казни за неправилна употреба на апликациите.

На барање на синдикатот на такси-возачите за построг надзор над вршењето на нивната дејност, законот воведува и обврска за возачите да докажат основно познавање на словенечкиот јазик при добивањето на лиценцата, додека во двојазичните средини ќе се бара и познавање на италијанскиот, односно унгарскиот јазик. За постојните превозници е предвиден преоден рок од една година за исполнување на овој услов. Што се однесува до нивото на тарифите, ресорното министерство посочува дека се залагаат цените и понатаму да се утврдуваат од страна на пазарот, без дополнителни регулативи, при што општините ја задржуваат надлежноста да пропишуваат стандарди поврзани со опремата на возилата и емисиите.

ИЗДВОЕНИ