Документи кои протекоа од германската Дојче банка откриваат дека руска мрежа префрлала пари на Марин Ле Пен, лидерка на француската десничарска партија Национален собир, преку унгарска банка поврзана со Виктор Орбан.
Ова го открива новото истражување на меѓународен новинарски конзорциум во кој, меѓу другите, учествувале „Фајненшл тајмс“, „Дер Шпигел“, „Монд“ и „Њујорк тајмс“.
Во опсежното истражување објавено во вторникот, во кое учествувале повеќе од 200 новинари, е откриено дека неколку големи компании поврзани со случајот имаат врски со рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој е под санкции, пренесува телевизијата БФМ.
Според унгарскиот портал „Директ36“, кој учествувал во истражувањето, унгарската банка МКБ имала клучна улога во руската мрежа, за која постојат сомневања дека служела за перење пари.
Како што наведува порталот, банката МКБ, која делумно е во сопственост на унгарската држава, во 2017 година преминала под контрола на бизнисмени блиски до Орбан, а подоцна помогнала во финансирањето на негови политички сојузници од крајната десница во странство, меѓу кои и Марин Ле Пен.
Според „Директ36“, меѓу 2017 и 2020 година оваа руска мрежа префрлила најмалку 1,7 милијарди евра, при што биле забележани бројни показатели кои упатуваат на организиран криминал.
Пет од вкупно 15 клучни компании кои функционирале во рамките на мрежата, од кои повеќето биле регистрирани во Хонг Конг и на Кипар, имале сметки во оваа банка, иако немале очигледни деловни врски со Унгарија.
Иако банката МКБ тврдела дека во 2019 година ја прекинала соработката со повеќето свои нерезидентни клиенти, Дојче банка не забележала значително намалување на големиот обем трансакции што потекнувале од овие клиенти.
Оваа ситуација ја навела германската банкарска групација да ја прекине долгогодишната соработка со унгарската банка, која потоа склучила нов договор со холандската банка ИНГ, пренесува „Директ36“.
Австриските медиуми денеска објавија и дека документите откриле трансакции со кои мрежата осомничена за перење пари префрлала средства кон неколку австриски компании.
Една од компаниите вклучени во мрежата, регистрирана во Хонг Конг под името „Демпси корпорејшн“, била поврзана со Олег Дерипаска и во период од три години префрлила повеќе од 130 милиони евра, објавува австрискиот весник „Дер Стандард“.












