среда, ноември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЈО: Поднесено е обвинение за злоупотреби против девет полициски службеници од Велес,...

ЈО: Поднесено е обвинение за злоупотреби против девет полициски службеници од Велес, за случајот на Росица Коцева

0

Поднесено е обвинение за злоупотреби против полициски службеници од Велес, за случајот на Росица Коцева, соопштија од Јавното обвинителство.

– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес за сторени кривични дела – „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 и „неизвршување судска одлука“ од член 377 став 5 од Кривичниот законик. Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција презеде опсежни истражни дејствија со кои утврди дека обвинетите, во временскиот период од 21.02.2025 до 15.09.2025 година, со неизвршување на својата службена должност, потешко ги повредиле правата на оштетената, сега почината Росица Коцева, повредувајќи го нејзиното уставно загарантираното право на живот, како и правата предвидени со чл. 2 и чл. 3 од Европската конвенција за човекови права. Тие не постапувале соодветно по пријавите на оштетената за семејно насилство, не почитувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Правилникот за начинот за процена на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите од нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, Правилникот за вршење на полициските работи и Законот за полиција – информираа од Обвинителството.

Во услови кога биле изречени судски мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, како што пишува во соопштението, тие не постапувале по итните мерки за заштита.

– Исто така, дел од обвинетите преземајќи дејствија по пријава на оштетената, постапувајќи спротивно на изричните одредби од Законот за полиција, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки за постапување, а доказите ги чувале во просториите на ООК-ОКП Велес, без да поведат никаква постапка – се додава во соопштението.

ИЗДВОЕНИ