Швајцарската алпска скијачка Јасмина Сутер (30) сподели за една од најбизарните повреди, која ѝ се случи деновиве и поради која беше принудена предвреме да ја заврши сезоната во Светскиот куп, оставајќи ги навивачите во целосно неверување. Додека се подготвуваа нејзините колеги за последните трки од сезоната, таа мораше да се повлече поради последиците од ударот од крава, во глава.
- Малку новости. Кратко пред трката во Андора (која беше домаќин на спустот и на суперџито на почетокот од март), ме удри крава во главата. Ова не е шега. Сепак, се обидов да стигнам до финалето на Светскиот куп, но, за жал, не успеав. Потребно е малку време да ми заздрави главата, па ќе направам кратка пауза – порача швајцарската скијачка.
Како што се покажа подоцна, неверојатниот инцидент се случил додека им помагала на родителите во семејната штала, каде што животното случајно ја шутнало. Бизарната повреда се случи во најлош можен момент. Имено, Сутер се враќаше на патеките оваа сезона, по сериозното кинење на менискусот на левото колено во јануари 2025 година. Таа работеше напорно цела зима за да се врати во форма, но повредата ја спречи да се натпреварува на клучните квалификациски трки во Солдеу, Андора. Таму ѝ беше потребен добар резултат за да се пробие меѓу првите 25 скијачки во светот и за да обезбеди место во финалето на Светскиот куп во Лилехамер, Норвешка. За жал, таа цел остана недостижна поради повредата.
Нејзин најдобар резултат оваа сезона беше 12. место во супер-џи во Сент Мориц, во декември 2025 година. Таа потекнува од познато скијачко семејство, нејзина сестра е олимписката шампионка Корин Сутер.
Така, сезоната на враќање на Јасмина Сутер заврши на сосема неочекуван и речиси неверојатен начин, а нејзините колешки ќе ја завршат сезоната во Норвешка, поточно во Лилехамер, кој е домаќин на финалето на Светското првенство. Ќе има трки во сите дисциплини, а богатата програма започнува в сабота, на 21 март.











