недела, јули 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ШТО СТОИ ЗАД ГРСТОТ МЕДАЛИ И ПРИЗНАНИЈА ОД ОСНОВЦИТЕ И СРЕДНОШКОЛЦИТЕ: Медалите...

ШТО СТОИ ЗАД ГРСТОТ МЕДАЛИ И ПРИЗНАНИЈА ОД ОСНОВЦИТЕ И СРЕДНОШКОЛЦИТЕ: Медалите на талентираните ученици бараат и талентирана држава

Медалите и признанијата што во последно време ги освојуваат надарените средношколци и основци го отвораат прашањето колку им помага државата во големиот труд или целиот товар паѓа врз родителите. – Искрено, сметам дека сегашната грижа на државата не е доволна, иако во последниот период има одредени позитивни чекори што заслужуваат да бидат поздравени – вели Анита Атанасова- Грчев, мајка на повеќекратниот медалист Владимир Грчев од Кочани.

1207

Дамјан Давков, Владимир Грчев, браќата Алексиј и Андреј Тасиќ, Леонид Тодороски, Ивано Божиновски, Марио Ванчевски, Никола Стојковски, Јан Стојановски, Емилија Николовска, Марко Крнков… се имињата на македонските средношколци и основци што годинава, но и во изминативе години, многу пати ја израдуваа македонската јавност. Од најразлични светски, европски, балкански олимпијади и други видови натпревари по математика, физика, хемија, информатика, природни науки… донесоа грст златни, сребрени, бронзени медали, пофалници и други признанија. Сето тоа беше и сè уште е ст резултат на нивниот голем талент и упорната работа со менторите, кои несебично им помагаат во подготовките. Тука е и големата жртва на нивните семејства, кои се откажуваат од многу нешта: пари, слободно време… само за да излезат на површина нескриениот талент и желбата за учење на нивните деца и за да добие потврда на македонско, но и на европско и светско ниво.

Но сето ова, секој донесен медал и признание што истовремено ја афирмира Македонија како држава, го отвора и прашањето колкав е придонесот на самата држава во вид на помош во подготовките, условите, стимулирањето, обезбедувањето настапи, често и во далечни земји, сместување… Поедноставно кажано, колкав талент има и покажува државата како поткрепа на талентираните ученици во нивните желби и обиди да се искачат на олимписките пиедестали на знаењето. Тука, судејќи според она што го кажаа деновиве за весникот ВЕЧЕР како родителите на учениците така и нивните ментори, некои работи почнале позитивно да се менуваат.

Семејствата не го носат само финансискиот товар

Патот до настап на учениците од Македонија на меѓународните натпревари воопшто не е лесен. Најпрвин се потребни победи и одлични резултати на општинските, градските, регионалните и државните натпревари по математика, физика, хемија, информатика. Потоа се формираат државни тимови, најчесто од пет-шест најдобри ученици, со кои менторите почнуваат да вежбаат на соодветните факултети, при што се користат нивните простории, ресурси и се снаоѓаат за набавка на материјалите за вежбање. Потоа доаѓа најтешкиот дел: пријави и обезбедување пари и за прекуокеански патувања, котизации за учество, хотели… што бара и по неколку илјади евра за кои семејствата мака мачат како да ги обезбедат.

Анита Атанасова-Грчев, мајка на талентираниот ученик по информатика и математика, олимпиeц и освојувач на повеќе меѓународни медали во последните четири години, Владимир Грчев, ни вели дека семејствата сè уште поднесуваат голема жртва.

– Целосно му се менува животот на семејството на еден олимпиeц. Секојдневието почнува да се организира според подготовките, натпреварите, патувањата, дополнителните часови и тренинзите. Целото семејство живее не само со успесите туку и притисокот, очекувањата и жртвата што ги бара овој пат. Тоа не е само финансиска жртва. Родителите со години се борат сами да обезбедат услови нивното дете да го развива својот потенцијал – наведува Атанасова-Грчев во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Таа додава дека, сепак, најтешко е што системот сè уште нема доволно развиен механизам вистински да застане зад тие деца.

– Искрено, сметам дека сегашната грижа на државата не е доволна, иако во последниот период има одредени позитивни чекори што заслужуваат да бидат поздравени. Особено би го издвоила новиот закон на МОН со кој се предвидува покривање на патните трошоци за една меѓународна олимпијада. Тоа навистина значи многу за семејствата и барем малку го олеснува товарот што со години го носат родителите сами. Сметам дека треба јавно да се каже благодарност за тоа и да се поздрави како позитивен чекор напред – потенцира таа.

И универзитетскиот професор и претседател на Друштвото на физичари на Македонија, Ламбе Барандовски, ни вели дека ланската промена со која државата парично ги покрива трошоците за државниот тим за учество на една од 15. меѓународни олимпијади е добар потег, но потребна е помош и за други натпревари.

– Најталентираните ученици не настапуваат само на една, на пример, светска олимпијада. Тие учествуваат и на европски, балкански и на други видови натпревари што се, исто така, значајни. Државата не го покрива тоа и тоа е голем издаток за родителите и за сите други. Потребно е Министерството за образование и другите државни органи да најдат начин и средства да ги покријат и овие трошоци – потенцира Барандовски.

Од страна на МОН се предвидени и еднократни парични награди за учениците што постигнуваат врвни резултати, кои се различни и зависат од видот на натпреварот, а за интернационалните златни медали достигнуваат и пет просечни плати. Се даваат и стипендии за талентираните ученици во износ од околу 3.500 денари месечно.

Поддршката да не зависи од добрата волја на поединци

Анита Атанасова-Грчев додава дека за да стигне едно дете до национален тим и да освои медал на меѓународната сцена, потребни се години работа, подготовки, менторство, курсеви и натпревари.

– Сето тоа чини многу пари. За жал, не секое семејство може да го поднесе тој товар. И токму затоа многу талентирани деца во Македонија остануваат само „таленти“. Не затоа што немаат потенцијал, туку затоа што немаат можност да биде развиен тој талент. Потребна е системска и континуирана грижа за талентираните ученици, а не само повремена поддршка кога ќе се освои медал. За жал, кај нас многу често изостанува дури и таа основна поддршка, признание и внимание кон децата што постигнале врвни успеси за Македонија. Потребни се: целосно покривање на трошоците за сите олимпијади и подготовки; бесплатни национални програми за работа со талентираните ученици; отворање центри за талентираните ученици во повеќе градови; организирани и континуирани подготовки во текот на целата година. Ако навистина сакаме врвни резултати, тогаш поддршката мора да биде системска, а не оставена само на добрата волја и жртвата на поединци. Најважно од сè е талентираните деца да не зависат од финансиската состојба на семејството. Знаењето и талентот не смеат да бидат привилегија само на оние што може да си дозволат дополнителна едукација – потенцира Атанасова-Грчев.

Министерката за образование, Весна Јаневска, неодамна изјави дека врз основа на направените законски измени, МОН ќе ги спонзорира и децата од основното образование и од средното образование што ќе освојат прва, втора и трета награда или златен, сребрен и бронзен медал на меѓународните натпревари и олимпијади. Се обезбедува покривање на трошоците за учество на една од 15. признаени меѓународни олимпијади на учесниците и менторите, им се даваат стипендии од девет месеци на добитниците и еднократни награди на добитниците и на нивните ментори…

– Ја подготвуваме и прикрај е концепцијата за талентираните ученици. Тоа е многу тежок и скап процес, затоа што концепцијата ќе се направи според добрите практики од други земји, но алатките што се користат за откривање талентирани деца е тешко да се спроведат. Ние нема да се откажеме, ќе почнеме и тоа да го работиме – додаде деновиве Јаневска. (Б. Ѓ.)

Барандовски: На меѓународни натпревари учениците треба да настапуваат преку државни сојузи и друштва

Претседателот на Друштвото на физичарите Ламбе Барандовски, кој досега бил ментор на многу ученици – медалисти нагласува дека учениците на меѓународни натпревари треба да настапуваат преку државни сојузи и друштва.

-МОН треба да го прошири списокот на олимпијади на кои ќе го плаќа учеството на учениците, да не биде само една. Потребно е и да се помогне во подготовките на учениците кои на меѓународни натпревари треба да одат преку системот на домашни натпревари и селекции. Сепак, не се исти такви олимпијади и олимпијади кои ги организираат приватни лица и на кои секој може да учествува откако ќе плати извесна сума на пари и кои се претвораат во еден вид бизнис – нагласува професорот Барандовски.

ИЗДВОЕНИ