Најголемите македонски политички партии одново не успеаја да постигнат договор за обединување околу стратешките интереси на Македонија. Таква нова шанса се отфрли на вчерашното одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под слоганот „Победа, принципи и вредност“, во македонската метропола. Овој пат македонскиот премиер Христијан Мицкоски, зборувајќи на чествувањето на 81. годишнина од крајот на Втората светска војна, подаде рака, повикувајќи ги сите политички групации на обединување бидејќи тоа било потребно во овој момент од општественото живеење. Но, понудата автоматски беше одбиена од лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче.
Ова е ново одбивање на една понуда за обединување околу стратегиските интереси на земјава. Во изминативе години – најчесто на значајни државни празнувања – јавноста беше сведок на повеќе ситуации во кои политичките лидери од власта и од опозицијата повикуваа на обединување, при што се нудеа и конкретни документи како заеднички платформи. Меѓутоа, и покрај повиците, таквите понуди редовно се одбиваа, при што се зголемуваа политичкиот јаз и конфронтациите меѓу партиските ривали, а државата останува блокирана на патот кон ЕУ.
Силата е во заедништвото
Премиерот Христијан Мицкоски, во вчерашното обраќање, рече дека ни е потребно обединување во заедничката борба за подобар живот.
– Како народ, отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа – обединување. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. Жал ми е што многупати беше одбиена таа рака за обединување. Но, има и такви политичари што за да стигнат до обединување, треба да знаат дека мора да чекорат напред, а не да стојат во место или да одат назад – рече премиерот.
Тој додаде дека не треба да се одбие понудата за разговор.
– Најчесто нивните ставови за клучните прашања се разликуваат од утро до пладне. А ,чести се случаите кога при очи се прават слепи, а при уши – глуви. Политиката на кодошење на сопствената земја ги прави таквите добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ. И затоа, повеќе од кога било, потребно е да ја видиме суштината и да постигнеме единство, но единство на принципи и единство на вредности – рече Мицкоски, додавајќи дека нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех, освен интеграцијата во ЕУ.
Тој додаде дека мора да се разговара за трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред.
– Пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да прави – нагласи македонскиот премиер во обраќањето.
Загрозен ли е македонскиот идентитет?
На ова брзо следуваше и реакција од лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче.
– На ваков настан на Денот на Европа, Христијан Мицкоски треба да биде персона нон грата. За жал, нè води организирана криминална група на чело со Христијан Мицкоски, која сака земјава да биде во изолација, да биде слепо црево во Европа, да нема реформи, да нема европско правосудство, да нема европски судии и обвинители, да нема богати и среќни граѓани – рече Филипче.
Во изјавата, тој посочи дека СДСМ ги влече своите корени од антифашистичката борба и обвини дека ВМРО соработувала со фашистите во текот на Втората светска војна. Според него, премиерот лаже кога вели дека се загрозени македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
– Клучната работа е што ние немаме работа со Бугарија, имаме работа со Европа и треба да исполниме европски барања, да исполниме договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, секако вклучувајќи ја и Бугарија. Прво, кажуваше дека со владата на Зоран Заев нема да добиеме датум за преговори, па добивме. Кажуваше дека е загрозен јазикот со Преспанскиот договор, дека имало некакви фусноти и така натаму, што излезе дека е лага. Лажеше и дека ќе го поништи и не го признава Преспанскиот договор, за потоа да каже дека тоа е ремек-дело на дипломатијата. Потоа, дека ќе го поништува договорот со Бугарија – рече Филипче.
Во врска со јазикот, додаде Филипче, пред повеќе години постоела декларација во бугарскиот Парламент за непризнавање на македонскиот јазик, што било сериозен проблем. Но, како што вели, потоа се усвоил францускиот предлог во кој јасно стои дека македонскиот јазик го признаваат сите земји членки на ЕУ.
– Со тоа што бугарскиот Парламент ја усвои преговарачката рамка за нас, исто како сите земји членки на Унијата, каде што стои чист македонски јазик, паѓа во вода и таа лага на премиерот дека е загрозен македонскиот јазик – додаде претседателот на СДСМ.
Неприфатени понуди
Пред неколку месеци, во текот на божиќните празнувања, највлијателните партиски лидери упатија нови пораки и повици да се работи на единство за доброто на државата. Но и тогаш сето тоа остана без конкретен договор или иницијатива за почеток на правење заеднички стратегии или платформи. Тогаш опозициските социјалдемократи соопштија дека сè уште чекаат одговор од другите партии за предлогот за натпартиска и надетничка платформа што ја предложи Венко Филипче. Документот предвидуваше платформа за надминување на блокадата на Бугарија во рамките на евроинтегративниот процес и беше испратен до сите партии. Меѓутоа, лидерот на СДСМ неодамна изјави дека „документот не бил разгледуван од ниту една партија и не добиле одговор од никого“. Претходно, Максим Димитриевски, лидерот на коалицискиот партнер во Владата – движењето ЗНАМ, предложи национална платформа за македонско национално единство и црвени линии. Тој тогаш рече дека целта на платформата содржана во деветте точки е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешката цел: полноправното членство во ЕУ. Во новогодишното интервју за МИА, премиерот Христијан Мицкоски рече дека е подготвен во секое време да разговара со кој било политички актер за каква било идеја за национално помирување и обединување во име на државните стратешки интереси. Тогаш и од коалицијата „Вреди“, исто така, порачаа дека „земјата е најсилна кога сите заедници делуваат во слога и кога меѓусебно се поддржуваат“. (Б. Ѓ.)
Кошта: Време е за чекор напред, вашата иднина е во ЕУ
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, упати честитка до македонските граѓани по повод 9 Мај, Денот на Европа, при што им се обрати како на идни членови на Унијата. Тој порача дека европските институции веруваат оти иднината на земјата е во ЕУ и дека се вложува голем труд за да стане таа визија реалност.
– Веруваме дека вашата иднина е во Европската Унија. Се вложува огромен труд за да стане таа визија реалност. Вашата земја е кандидат за членство во Европската Унија веќе многу години. Време е да се направи чекор напред. Заедно ќе изградиме заедничка европска иднина. Да живее Европа! – нагласи Кошта.












