Нелегалните ѓубришта во државата се проблем што им е познат на сите. Ги има преку 2 илјади што се регистрирани од Министерството за животна средина. Но, ги има многу повеќе – поголеми или помали, ама буквално ги има на секој чекор.

Деновиве, жители на Кичево јавно алармираа дека е створена нова голема дива депонија помеѓу две села во Кичевско. Тие посочија дека ѓубрето наводно било донесено по расчистувањето на кичевската нелегална градска депонија и обвинија дека камионите на јавното комунално претпријатие требало да го однесат отпадот во гостиварската депонија „Русино“. Наместо таму, ѓубрето завршило во долот.

Жител на Кичево тврди дека во неделата повторно се товарело ѓубре од градската депонија, и тој се сомнева дека камионите не го однеле таму каде што требало, во „Русино“. Вели дека градоначалникот на Кичево не знаел за тоа. Весникот ВЕЧЕР и вчера се обиде телефонски да стапи во контакт со градоначалникот Александар Јовановски, но безуспешно.

Додека граѓаните алармираат за нови локации преполни со отпад, на патниот правец Охрид – Ресен состојбата со депонијата „Буково“ повторно предизвикува реакции поради чадот и непријатната миризба.

– Последните пет-шест дена е страшно. Мириса од страна на Ресен па сè до Косел, посебно горе на превојот, десет километри е непрегледно – вели Стојан Стојановски, кој преку јавна објава предупредува на состојбата на превојот Буково.

Тој посочува дека чадот, според неговите сознанија, не доаѓа од горење дрва или трева, туку од отпадот што се одлага во депонијата.

– Тоа што е чад, не е чад од дрво или трева, туку од отпад кој се фрла во контејнерите, а што се фрла знаете и самите – од дома, па сè до индустрија – наведува Стојановски.

Вели дека, доколку состојбата продолжи, лично би избрал алтернативен правец.

– Побрзо ќе го користам превојот на Галичица или преку Кичево. Не знам дали е паметно јас и сите во кола со мене да го дишат тоа, макар и малку да влезе од тој чад – вели тој.

Стојановски ги повикува надлежните лично да се уверат во состојбата на терен.

– Ако грешам, нека појдат министерот за животна средина и градоначалниците на Охрид и Ресен до базата на ЈП „Македонија Пат“ на превојот Буково и нека докажат дека е здраво да се патува оттука – вели тој, додавајќи дека секој патник поминува значителен дел од патувањето низ областа зафатена со чад.

Според него, проблемот е особено сериозен затоа што превојот Буково е важна сообраќајна врска кон Охрид, но и еден од правците преку кои туристите пристигнуваат во регионот.

– Од толку што е хаос, гледам само да поминам побрзо. Ни дрон ни апарат не ме интересираат кога ќе ми текне дека сè што редам во контејнерот, го дишам – вели Стојановски.

Проблемот со дивите депонии во Македонија повторно го отвора прашањето кој и каде го одлага отпадот, но и колку институциите имаат контрола врз она што се случува на терен. Според Гордана Софија, коосновачка на „Мен енд маунтен“, компанијата што ја основала во 2020 година заедно со уметникот и продуцент Ханес Јекл. Софија и се иницијатори на националната акција за чистење отпад „Генералка викенд“, за весникот ВЕЧЕР вели дека проблемот зад овие нелегални ѓубришта е повеќеслоен. Таа посочува дека дел од отпадот го создаваат граѓани и градежни компании кои, за да избегнат трошоци, го фрлаат отпадот на несоодветни локации.

Но, според неа, постои и друг, системски проблем – дел од општините со години создавале сопствени депонии затоа што немале соодветен начин или доволно средства за законско отстранување на комуналниот отпад. Прашањето, вели Софија, е зошто општините немаат доволно средства за официјално одлагање на отпадот. Како една од причините ја посочува ниската или непостојна наплата на комуналните услуги во дел од општините.

– Во тие општини, комуналните услуги честопати се оставени сами на себе без буџети или соодветна механизација за самостојно решавање на проблемот – вели таа.

Според Софија, политиката дополнително го усложнува проблемот бидејќи локалните власти често избегнуваат мерки што би значеле повисоки комунални такси или построги казни за нелегално фрлање отпад. Решението, според неа, не може да биде еднократно чистење на депониите, туку промена на целиот систем на управување со отпадот.

Како пример го посочува Тетово, каде што, според неа, воведувањето на јавно-приватно партнерство значително ја подобрило состојбата со отпадот. Таа смета дека сличен модел би можел да се примени и во други општини кои со години се соочуваат со недостиг од средства, механизација и соодветна инфраструктура.

Втор клучен чекор, според Софија, е конечното воспоставување на регионалните депонии, процес кој, како што вели, се одвива премногу бавно. Третиот столб го гледа во национално воведување на селекција на отпадот и негово користење во енергетски постројки.

– Ова ќе ја намали вкупната количина на отпад што завршува на нашите депонии на 10 отсто – смета Софија.

Таа вели дека од ваквата состојба цената не ја плаќа само животната средина.

– Станува збор за здравјето на нашите луѓе, квалитетот на нашата храна и на крајот, исто така, и за нашата туристичка индустрија, која ја плаќа цената за секој ден доцнење – одлучна е Софија.

Случајот во Кичевско дополнително отвора прашање каде завршува отпадот отстранет од градските депонии и дали навистина се транспортира до местата каде што е предвидено законски да биде одложен. Обвинувањата на граѓаните допрва треба да бидат потврдени или демантирани од надлежните институции.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ