Пожарот што избувна денеска околу 11 часот, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево, поради високата и сува трева и ветерот се раширил со голема брзина, загрозувајќи ги двете села. Притоа, итно биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но не биле доволни да се сопре огнената стихија која се движела со голема брзина, поради што биле пренасочени „ер-тракторите“ кои вчера утрината дејствувале на големиот пожар на планината Китка

 

Огновите низ државата не стивнуваат, а денешниот ден го одбележа големиот пожар во општина Градско, поради кој се мобилизираа институции, а биле пренасочени и „ер-тракторите“.

– Пожарот изби околу 11 часот, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево. Тој е најверојатно започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот што овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села. Се јави градоначалникот на општина Градско, бараше итна помош – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов

Притоа, итно биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но не биле доволни да се сопре огнената стихија што се движела со голема брзина, поради што биле пренасочени „ер-тракторите“ што вчера утрината дејствувале на големиот пожар на планината Китка.

– „Ер-тракторите“ помогнаа за почетно контролирање на овој пожар, а веднаш потоа и полицискиот хеликоптер продолжи со дејство. ​Локалното население излезе да заора со трактори, да направи противпожарни пресеки за да го пресече пожарот. Се надевам дека набргу ќе биде целосно изгаснат – нагласи Ангелов.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, пак, рече дека вчера, од утринските часови, преземаат интензивни активности за ставање под контрола на пожарите во селата во областа Каршијак.

– Наш приоритет е заштитата на планината Китка и спречување на ширењето на пожарот кон населените места. На терен се ангажирани сите расположливи државни ресурси: три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и екипите на Национални шуми. Во моментов, нема опасност за селото Палиград, ниту за другите населени места во областа Каршијак – смирува Али нагласувајќи дека ќе се продолжи со непрекинато следење на состојбата и интензивна интервенција до целосно стабилизирање на ситуацијата.

Од Центарот за управување со кризи велат дека денеска на територијата на државата до 13:00 часот биле регистрирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, еден е под контрола, додека четири се изгаснати.

Активни се пожарите  во селата Моране, Вртекица и Рамни Габер и кракот кон селото Палиград – Општина Студеничани, како и над селото Вражале – Општина Зелениково, каде гори мешана шума, во селото Трново – Општина Гостивар, каде што, исто така, гори мешана шума, над селото Нежилово – Општина Чашка, каде што горат смреки, во селото Дренак – Општина Пробиштип, каде што гори ниска вегетација, во селото Долно Чичево – Општина Градско, каде што горат стрниште и ниска вегетација, како и во селото Зајас – Општина Кичево, каде што гори стрниште.

Под контрола е ставен пожарот во селото Тајмиште, место викано Дарда – Општина Кичево, каде што гори високостеблеста букова шума.

Изгаснати се пожарите во селото Чајлане – Општина Сарај, во селото Турчане – Општина Гостивар, во селото Пчиња – Општина Куманово и во селото  Митрашинци – Општина Берово.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ