петок, ноември 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВЕРБАЛНИТЕ ВАЛКАНИЦИ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ НИКАКО ДА ЗАПРАТ: Мицкоски и Филипче во...

ВЕРБАЛНИТЕ ВАЛКАНИЦИ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ НИКАКО ДА ЗАПРАТ: Мицкоски и Филипче во рингот, политичката култура на колена

Хронологијата на меѓусебните вербални навреди и тешки дисквалификации покажува дека токму лидерот на опозицијата, од една, и премиерот и лидер на владејачката партија, од друга, се оние политички личности што употребуваат најтешки зборови, кои ја згрозуваат јавноста. – Можеби, не се главен извор, но дефинитивно тоа е највлијателниот начин што ги охрабрува и им дава ветар в грб потенцијално на сите да користат јазик и комуникација што дискриминираат, навредуваат и создаваат конфликти – смета комуникологот Бојан Кордалов

0

Спиралата на заемно навредување меѓу македонските политичари не запира, туку станува сè полоша и полоша. Но, по вчерашната вербална пресметка меѓу лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски стана јасно: тие двајца се и главниот извор на најтешките навреди што се изразуваат на јавната сцена и потоа се шират во македонското општество. Хронологијата на меѓусебните навреди и тешки дисквалификации покажува дека токму лидерот на опозицијата, од една, и премиерот и лидер на владејачката партија се оние политички личности што употребуваат најтешките зборови, кои ја згрозуваат јавноста. Но притоа, навредите што се упатуваат на сметка на политичкиот ривал стануваат сè потешки и понеприфатливи.

Така, пред повеќе месеци, од арсеналот на навредливи зборови што ги кажаа Филипче и Мицкоски, главно, се избираа оние како „арамија“, „криминалец“, „предавници“, „мршојадци“, „глодачи“, „талог на општеството“… По ова, следуваше уште потешка квалификација со која лидерот на СДСМ го нарече премиерот Христијан Мицкоски „комплетен идиот што зборува будалаштини“, а пред и по ова, навредливите зборови се проширија и меѓу пратеничките ешалони. Па една пратеничка од владејачката партија ја нарече својата колешка „кокошка“, министерката за финансии беше нарекувана „сметководителка“, со што само продолжува континуитетот на навредување во пратеничките клупи, кои слушнале и други недостојни зборови како „вошка“, „стока“, „жена ти да ја…“ Завчера, пак, се отиде уште подлабоко од дното со навредите, кое досега беше длабоко ископано. Прво, Филипче го нарекуваше Мицкоски лажго, криминалец, наредбодавец на медиумски линчови…

– Ти избра да лажеш и да контролираш сè. Најбезобразно призна дека нарачуваш текстови. Ги спроведуваш сите медиумски линчови, црни кампањи, лажни вести, кампањи со кои, верувај, го загадуваш духот на граѓаните. Лажеше за идентитетот. Немој да ги лажеш граѓаните – потенцираше Филипче, обраќајќи му се на премиерот.

На ова премиерот му возврати од собраниската говорница, со зборовите дека е предавник на својот род, кодош на својата држава и на граѓаните и несреќа што им се случила на македонските граѓани.

– Јас не одам надвор од Македонија да кодошам луѓе од Македонија. Па дури и за вас се борам колку и да сте големи предавници на својот род и колку и да не го штитите својот род – нагласи македонскиот премиер.

Сето ова во ситуација кога собранискиот Кодекс за етичко однесување на пратениците предвидува дека упатувањето такви навреди е тешка повреда на самиот Кодекс. Така, во членот 14 е наведено дека користењето зборови, изрази или нивни синоними со кои се омаловажуваат други лица и со кои се навредува нивното достоинство претставува тешка повреда на Кодексот, кој требаше да биде гаранција за достоинствен тек на собраниските активности. За навредувањето, кое е веќе редовна појава од собраниската говорница и од пратеничките клупи, предвидени се и мерки: за полесно прекршување на Кодексот – опомена, а за потешко кршење – јавна опомена. А постапката за тоа треба да ја спроведе собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која може да повика и двајца експерти за етички прашања по предлог на власта и на опозицијата. Но, досега не се случило тоа и останува неизвесно до кое вербално дно со меѓусебно навредување треба да дојдат лидерот на опозицијата, премиерот, пратениците во дебатите во собраниската сала за да предизвика тоа реакција на Комисијата и активирање на етичкиот Кодекс.

Вака, се остварува она што неодамна го предвидоа комуниколозите кога почна да се случува тешко навредување. Комуникологот Бојан Кордалов смета дека Филипче и Мицкоски се највлијателни кога е во прашање охрабрувањето и другите да го користат говорот на омраза.

– Можеби не се главен извор, но дефинитивно тоа е највлијателниот начин што ги охрабрува и им дава ветар в грб потенцијално на сите да користат јазик и комуникација што дискриминираат, навредуваат и создаваат конфликти помеѓу луѓето во општеството. Секој човек што ја следи политичката комуникација помеѓу партиите, логично добива впечаток дека, можеби, јазикот на омаловажување, навредување и кавги е оној пример што треба да се следи, особено ако се земе предвид дека политичките елити го прават тоа секојдневно и без никакви консеквенции. И не се случува само меѓу овие двајца важни политички чинители туку толку е распространето меѓу политичките опоненти што се добива впечаток дека станува збор за крвни одмаздници чии фамилии со векови имаат тешка нетрпеливост, а не како што треба да биде – меѓу цивилизирани политички опоненти во еден демократски систем што се базира и охрабрува на различни и критички мислења и ставови – потенцира Кордалов во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Според него, браната против ваквиот говор може да ја направат само граѓаните на изборите и со своето гласање.

– За жал, не се слушаат ниту советите ниту добронамерното укажување од граѓаните или од експертите. Така што единствена што ќе може да покаже со прст ќе биде излезноста на изборите, како и резултатите од нив – потенцира Бојан Кордалов. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ