АС Монако Баскет објави дека повеќе не може да ги исполнува своите финансиски обврски и поради тоа ќе ги прекине операциите. Од клубот велат дека, и покрај сите напори, не се во можност да ги извршуваат плаќањата, но се надеваат дека во иднина ќе успеат да го реструктуираат проектот.
Со ова засега се става точка на проектот кој во изминатите 12 години постигна историски резултати во Франција и Европа. Монако освои три титули во францускиот шампионат, четири куп-трофеи и еден Суперкуп.
Најголемиот успех дојде во 2021 година, кога клубот го освои Еврокупот и му ја донесе на Кнежевството првата европска титула во тимски спорт.
Потоа следуваше и пробивот меѓу европската елита – Монако двапати играше на Фајналфор во Евролигата, а еднаш стигна и до големото финале. Сега клубот се соочува со неизвесна иднина и останува да се види дали „тимот Рока“ некогаш повторно ќе заигра во салата „Гастон Медесан“.











