Екипата на МЗТ Скопје со пораз го започна настапот во ФИБА Европа купот, откако во СЦ „Јане Сандански“ загуби од грчки Ираклис со 59:64. Натпреварот беше исклучително тврд и неизвесен, а двете екипи во текот на целиот меч играа агресивно во одбраната.

Токму поради тоа, публиката не виде голем број поени, а победникот беше решен во драматичната завршница. МЗТ имаше шанса за позитивен резултат, бидејќи до 57:58 беше целосно неизвесно кој ќе слави. Сепак, Ираклис во клучниот момент реализираше два напади во низа и го скрши отпорот на македонскиот шампион.

Џејлен Лекју со 18 поени беше најдобар кај гостите, додека идентичен број поени постигна Ноа Али Фаракан кај МЗТ Скопје.

Но, натпреварот не остана во центарот на вниманието само поради случувањата на паркетот. Мечот доби и политичка димензија поради транспарентот што го истакна навивачката група „Фемили Аеродром“ на трибините. На транспарентот пишуваше „Името твое свето ќе го браниме пред светот“, а беше прикажана карта на Македонија со егејскиот и со пиринскиот дел.

Од Ираклис веднаш реагирале и го пријавиле случајот кај делегатот на натпреварот, Бугарката Елеонора Ранџелова.

  • Ираклис уште пред почетокот на натпреварот официјално ја информираше бугарската комесарка Елеонора Ранџелова за транспарентот со националистичка содржина, кој беше истакнат од домашните навивачи на една од централните трибини. Побаравме тој да биде отстранет. За случајот беше известена и грчката амбасада во Скопје – соопштија од грчкиот клуб, пренесуваат тамошните медиуми.

Грчкиот клуб дополнително ја информирал и грчката амбасада во Скопје и побарал да биде отстранет транспарентот.

Ираклис најави дека нема да застане тука и дека ќе поднесе официјална пријава и до ФИБА, против МЗТ Скопје, поради спорниот транспарент.

Така, наместо да остане запаметен натпреварот само по резултатот 59:64, дуелот во Скопје доби и дополнителна тежина поради случувањата надвор од теренот.

ИЗДВОЕНИ