Жените што бегаат од семејно насилство во Македонија и натаму немаат соодветна институционална заштита, предупредија од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Освен што недостигаат 24 шелтер-центри и осум советувалишта, државата пет години не ја исполнила ниту законската обврска да отвори кризни центри за долготрајна помош на жртвите на силување. Од Националната мрежа велат дека постојните шелтер-центри најчесто обезбедуваат само покрив над главата и јадење, но не и услови жените да продолжат нормално да живеат и да работат и да добиваат психолошка помош. Недостигаат 85 % од вкупниот број кревети што треба да ги обезбеди државата за жените жртви и за нивните деца. Според анализата што ја направиле, од мрежата велат дека само за да функционира нормално еден шелтер-центар, треба да се обезбедат околу 158 илјади евра, а државата за сите годишно обезбедува минорни 61 илјада евра.
– Шелтер-центарот треба да обезбеди итно сместување и физичка безбедност на жртвата, но и храна, хигиена, психолошка помош, образование за децата и економско јакнење. Кај нас тие формално се на тајни локации, но речиси сите знаат каде се. Поради тоа жените не смеат да ги напуштаат, не можат да одат на работа и често ја губат економската независност – рече директорката на Националната мрежа, Елена Димушева.

На брифингот со новинарите беше посочено дека иако постои законска обврска од 2021 година, Министерството за здравство досега нема отворено кризни центри за жените жртви на сексуално насилство. Поради тоа, Националната мрежа ќе поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
– Во Македонија, од 2020 до 2024 година имало 455 жртви на сексуално насилство, а 90 проценти од нив биле девојчиња. Необезбедувањето ваква специјализирана услуга претставува дискриминација согласно со практиката на Европскиот суд за човекови права – изјави адвокатката Неда Чаловска.
Според анализата што ја презентираше Националната мрежа, државата речиси и да не издвојува средства за сервисите што е должна да ги обезбеди согласно со Истанбулската конвенција и со домашното законодавство. Процените се дека за функционален систем за заштита на жртвите на семејно и родово насилство, потребни се околу 6,5 милиони евра годишно, што е околу 0,1 процент од државниот буџет. (П. А.)












