понеделник, септември 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски со Рубио „од нога“, со Ландау на маса

Мицкоски со Рубио „од нога“, со Ландау на маса

1

Aгендата на премиерот и владината делегација во САД под опозициска лупа

Премиерот Мицкоски ја оцени средбата со Марко Рубио како потврда на стратешкото партнерство и продолжување на политичкиот дијалог меѓу Македонија и САД. Од опозицискиот СДСМ реагираа дека неформалниот разговор во Њујорк не може да се претставува како официјална средба од највисок ранг. Тие го критикуваа и изгледот на премиерот, бројноста на делегацијата и, како што наведоа, отсуството на официјално соопштение, агенда или потпис. Од владејачката партија возвратија дека Рубио единствено разговарал со Мицкоски и со Муцунски, а небулозите на СДСМ ќе ги демантираат со објавување на официјалната средба со заменикот на Рубио, Кристофер Ландау

 

Средбата на премиерот Христијан Мицкоски со американскиот државен секретар Марко Рубио во Њујорк, предизвика политички реакции во земјава. Од Владата ја оценија како значајна потврда на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД и на континуираниот политички дијалог, со порака дека директната комуникација на високо ниво е важна за зајакнување на билатералните односи и застапување на државните интереси. Од СДСМ, пак, остро реагираа на начинот на кој премиерот ја претстави средбата, оценувајќи дека неформалниот разговор во Њујорк не може да се претставува како официјална средба од највисок ранг. По средбата, Мицкоски порача дека стратешкото партнерство со САД останува од особено значење за Македонија.

– Во Њујорк разговарав со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави. Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник, објави премиерот на социјалните мрежи.

Во објавата, премиерот се осврна и на актуелниот геополитички контекст посочувајќи дека во период на сериозни предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници имаат особено значење. Тој порача дека Македонија има јасно дефинирани државни интереси и дека продолжува да ги застапува „достоинствено и принципиелно“ во соработка со своите стратешки партнери.

– Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности, порача Мицкоски.

Од опозицискиот СДСМ преку соопштение ја критикуваа средбата на премиерот со американскиот државен секретар, нарекувајќи ја „ходник дипломатија“.

– Страшно е човек што ја води владата на земјата, неформалното муабетење во ходник да го претстави како официјална средба. Средба од тој ранг се води во кабинет, во сала, со агенда и записник. Не во ходник. Не раскопчан. Не без вратоврска. Не со раце во џебови. Нема основна култура. Нема почит кон институција и кон соговорник. Нема политички бонтон. Како од пазар, стои во реакцијата.

Оттаму го критикуваат и начинот на кој премиерот е облечен на фотографиите што тој ги објави од разговорот со Рубио, како и бројноста на македонската делегација која е во САД со Мицкоски.

– Часовници од шеесет илјади евра. Неиспеглан костим и кошула од десет илјади евра – да ја импресионира американска бирократија. Еве како нè претставува самопрогласената елита. Како во кафеана. Додека сопствениот народ го нарекува талог, елитата баш се покажа. На ниво. Поведе околу педесет луѓе на народен грб. Резултатот е пет милиони долари за рудник. Ова не е дипломатија, ова е екскурзија. Ходникот не е кабинет. Грантот не е рудник. Нема агенда. Нема заедничко соопштение од Стејт департментот. Нема потпис, велат од СДСМ.

Од владејачката партија возвратија дека СДС си ги толкува соопштенијата како што им одговара, но тоа е далеку од вистината.

– Нивната кратковидост и завидливост не може да разбере дека единствениот разговор што државниот секретар на САД, господинот Марко Рубио, го имаше досега е со премиерот Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. А дека тоа што го зборуваат СДС е тешка небулоза, ќе бидат демантирани со објавување на официјалната средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау. За разлика од времето кога Македонија беше со свиткана кичма, денес Македонија се застапува со гордо исправена глава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, премиерот Мицкоски објави и дека присуствувал на традиционалниот собир на Македонците од регионот на Њујорк и Њу Џерси.

– Денеска присуствував на литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, каде што остварив средба и со нашата македонска заедница. Благодарност за топлото гостопримство и за посветеноста со која Македонците во дијаспората ја чуваат врската со татковината. Нашата грижа и поддршка за македонските заедници надвор од Македонија останува силна, затоа што каде и да се нашите луѓе, таму е и дел од Македонија, се посочува и во објавата на премиерот Мицкоски на неговиот фејсбук-профил.

Државната делегација беше топло пречекана во црквата „Свети Кирил и Методиј“, каде што богослужеше отец Гоце Постоловски.

– Големо задоволство ни е да имаме ваква посета, во нашата заедница, да се види премиерот со наши луѓе и да седне со нас. Тоа не може да се види и да се доживее секој ден, изјави Тони Коцевски, претседател на црковната заедница Свети Кирил и Методиј.

На прашањето кои се неговите очекувања од матичната држава, Коцевски рече дека „од соработката на Македонија со дијаспората очекува да се работи секој ден, да има повеќе инвестиции, луѓето да сакаат да се вратат и да имаат подобри опции за живот во Македонија“.

За Синиша Спасовски, наш иселеник во Њујорк, посетата на премиерот Мицкоски значи посветеност, „не само на Македонците во Македонија, туку и на Македонците кои се надвор од Македонија“.

– Овој знак на внимание од државата ни дава чувство дека не сме оставени сами на себе, туку дека нашата држава и нашите државници водат грижа за нас и сакаат посетите во странство да бидат насочени не само кон странците туку и кон нашинците во тие држави, рече Спасовски.

Државната делегација предводена од премиерот Мицкоски престојуваше во Вашингтон на средби со американските власти, а сега е во Њујорк за годишното заседание на Обединетите Нации. (В. С. Н.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ