вторник, септември 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Италија доделува по 500 евра годишно: Милиони граѓани добиваат пари за купување...

Италија доделува по 500 евра годишно: Милиони граѓани добиваат пари за купување храна

0

Италијанските министри за земјоделство, труд и финансии денеска му го претставија на јавноста усвоениот пакет-помош за граѓаните за следните две години. Врз основа на овој пакет, преку посебна картичка ќе им се исплаќаат по 500 евра годишно за купување прехранбени производи на 1,18 милиони домаќинства со ниски приходи.

Државниот буџет на Италија за картичката „Carta Dedicata a Te“ (Картичка посветена на тебе) веќе предвиде 500 милиони евра за 2026 и уште 500 милиони за 2027 година, пренесува „Sole 24 Ore“.

Корисниците нема да мора да поднесуваат барање, туку врз основа на достапните податоци ќе ги идентификуваат италијанскиот Национален институт за социјално осигурување (INPS) и Националната асоцијација на општини (ANCI).

Картичката ќе им биде доставена на новите корисници, додека постојните корисници ќе добијат автоматска надополна.

Оваа картичка може да се користи за купување широк спектар на прехранбени производи, со исклучок на алкохолни пијалаци.

За 2026 и 2027 година е укината можноста за користење на картичката за купување гориво, која постоеше во првите верзии на програмата, пренесува Танјуг.

Италијанскиот министер за земјоделство, Франческо Лолобриџида, изјави дека фокусот на прехранбените производи имал позитивен ефект и врз домашните производители.

Според неговите наводи, околу 90 отсто од корисниците на картичката со текот на времето се одлучиле за прехранбени производи произведени во Италија.

Вкупните инвестиции на државата во оваа програма во периодот од 2023 до 2027 година ќе надминат 2,7 милијарди евра.

ИЗДВОЕНИ