На 76 годишна возраст почина Тонкица Митровска, пионер на македонскиот анимиран филм, којa остави неизбришлив траг во македонската кинематографија.
Друштвото на филмски работници со неизмерна почит се збогува од својата долгогодишна и истакната членка, посочувајќи дека нејзиното заминување е огромна загуба за културната сцена, но нејзиното творештво останува како траен споменик на една извонредна кариера.
Како дипломиран графичар Тонкица Митровска (1948-2026) беше еден од темелниците на познатата „Скопска анимирана школа“ во рамките на Студиото за анимација на „Вардар филм“ и со децении го ткаеше својот талент во визуелната меморија на генерации. Соработувајќи со најголемите авторски и режисерски имиња, таа вдахна живот во повеќе од 20 анимирани остварувања, носејќи автентичност, прецизност и уметничка длабочина во секој кадар. Во својот децениски творечки опус, таа остави неизбришлив творечки печат соработувајќи како аниматор, фазер и цртач на повеќе култни анимирани остварувања, со што суштински го трасираше патот и го подигна уметничкиот стандард на македонската анимација.
За својот извонреден професионален ангажман, исклучителниот придонес и лојалноста кон филмската уметност, ДФРМ ја одликуваше Митровска со престижната награда „Златна рамка“ во 2021 година, а нејзиниот животен опус беше крунисан и со признанието „Златен објектив“ (2023) доделено од Кинотеката на Македонија.
-Македонската филмска фела изгуби извонреден професионалец, предан колега и тивок уметнички генијалец чиј ведар дух и скромност беа инспирација за генерации филмски автори. Нејзиното дело останува трајно вградено во колективната културна меморија и во темелите на нашата кинематографија, додаваат од ДФРМ.












