вторник, септември 22, 2026
Дома БАЛКАН Вооружен напад пред училиште во Турција, неколку ученици се повредени/ВИДЕО

Вооружен напад пред училиште во Турција, неколку ученици се повредени/ВИДЕО

0
Фото: The Caspian Post X

Во областа Тургутлу во турската провинција Маниса, 15-годишник отворил оган пред средно училиште, при што повредил осум лица. Инцидентот се случил околу 8:00 часот наутро пред Анадолското средно училиште „Инџи Узмез“ во населбата Албајрак.

Според првичните информации, малолетниот осомничен пукал неселективно со оружје со долга цевка од засега непознати причини, пренесува „Хабертурк“. Центарот за итни повици 112 примил пријава за повредени ученици, по што на местото на настанот биле испратени бројни полициски и медицински екипи.

Повредените биле пренесени во најблиската здравствена установа. По нападот, осомничениот бил уапсен и приведен. Во тек е истрага.

Откако дознале за инцидентот, голем број родители пристигнале пред училиштето за да стигнат до своите деца. Дошло до турканица меѓу полицајците кои го обезбедувале училиштето и родителите, додека вторите се обидувале да влезат во зградата.

Полицијата се обидела да ги смири вознемирените родители, додека безбедносните мерки околу училиштето биле дополнително засилени. На социјалните мрежи се појавија и снимки од осомничениот како бега од местото на настанот.

Канцеларијата на гувернерот на Маниса издаде соопштение во врска со инцидентот.

„На 22 септември 2026 година, околу 7:59 часот наутро, беше примена пријава за пукање во близина на Анадолското средно училиште ‘Инџи Узмез’ во областа Тургутлу. По пријавата, на терен беа испратени бројни безбедносни и медицински екипи. Според првичните сознанија, повредени се осум лица. Повредените беа пренесени во најблиската здравствена установа. По инцидентот, осомничениот беше уапсен и приведен од нашите безбедносни сили. Покрената е судска и административна истрага за инцидентот, а јавноста ќе биде информирана за понатамошниот развој на настаните.“

ИЗДВОЕНИ