Несекојдневна и потенцијално опасна средба се случила во популарното грчко летувалиште Неос Мармарас, на Халкидики, каде диво животно се појавило на плажата во раните утрински часови.

Инцидентот се случил околу 2 часот по полноќ, во близина на спортскиот терен, кога локална работничка отишла на ноќно пливање по завршувањето на смената.

Додека се движела по плажата, таа наишла на животното и во прв момент помислила дека станува збор за куче. Кога му се приближила на само неколку чекори, сфатила дека се работи за диво животно.

За среќа, ситуацијата не ескалирала и немало напад. Жената успеала да го задржи животното на безбедна дистанца, додека тоа продолжило да се движи по плажата.

На видеото објавено од „Halkidiki News“ се гледа животното како во текот на ноќта се движи по песокот. Според изгледот, повеќе наликува на златен шакал, животно кое е присутно во Грција, но од достапната снимка не може со сигурност да се потврди неговиот вид.

„Не можам да направам разлика меѓу волк и шакал“, изјавила жената по необичната средба.

Видеото можете да го погледнете на следниот линк.

Неос Мармарас е едно од омилените летувалишта на туристите од Македонија, а појавата на диво животно на плажа во текот на ноќта предизвика внимание кај локалното население и посетителите.

Случајот е уште едно потсетување дека и во туристичките места во близина на природните подрачја може да се појават диви животни, особено во доцните ноќни и раните утрински часови.

ИЗДВОЕНИ