Најтрофејниот македонски ракометен клуб. Вардар, одигра нерешено против Мелсунген – 26:26 (14:12) и се прости од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“, во групната фаза од најквалитетното клупско ракометно натпреварување, претрпеа четири порази, забележаа една победа и реми, што беше доволно само за освојување на последното место во групата. Сепак, Вардар ќе продолжи да игра во Европа, но во Европската лига, второто по ранг натпреварување на ЕХФ.

– Бевме близу, ама на крајот пак скапо ја плативме лекцијата. И на уште еден натпревар се виде дека екипата покажува голем карактер, дека се сите како еден вистински тим. По шест натпревари, можам да кажам дека ни недостигаше малку искуство, па и среќа. Не сум задоволен само од бројот на бодови во групата, но генерално се покажавме во одлично светло. Македонскиот и балканскиот ракомет ги покажавме навистина добро. Ако го исклучиме мечот со Висла дома, на сите натпревари бевме конкурентни до самиот крај. Резултатски гледано, не можеме да бидеме задоволни. Дали беше реално да поминеме или не, нека оценат другите. Тешко е да се зборува за Европската лига додека не знаеме кои ќе ни бидат ривали. Додека не се решат групите, не можеме да планираме. Ќе се обидеме да се презентираме во добро светло и таму, а ќе одиме чекор по чекор – кажа тренерот на вардарци, Иван Чупиќ.

За разлика од Чупиќ, тренерот на Мелсунген, Шпанецот Роберто Гарсија Парондо, изрази задоволство од резултатот со кој се пласираше Мелсунген во наредната фаза во Лигата на шампионите.

– Ремито беше резултат што ни беше потребен. Знаевме каква ќе биде енергијата на Вардар. Многу е важна Лигата на шампионите за овој клуб. Поради тоа, сакам да им честитам за играта. Немавме добар перформанс, ама ја исполнивме целта. Дојдовме без петмина важни ракометари. За нас, оваа групна фаза беше многу тешка, прво поради противниците Висла, Вардар и Нант и второ, поради многуте повреди и отсуства. Многу е тешко да се игра во Бундес лигата, а потоа да дојдеме во Лигата на шампионите и поради тоа сме горди што стигнавме до целта – изјави Парондо.

Матео Фадуил беше најдобар стрелец со седум гола, четири даде Воркапиќ, а по три имаа Митровиќ, Педро и Јанковски. Милош Валах го заврши мечот со четиринаесет одбрани.

ИЗДВОЕНИ