Сериозен хаос ја потресува АБА-лигата само еден ден пред планираниот почеток на новата сезона. Регионалното натпреварување треба да почне на 25 септември, но сега постои сериозна неизвесност дали ќе почнат натпреварите според планираниот распоред. АБА-лигата излезе со официјално соопштение во кое тврди дека настанале проблемите поради, како што вели, „злоупотреба на имејл-адресите на кошаркарските судии“.

Целиот случај е поврзан со изборот на судиите за сезоната 2026/2027, тема што и претходно предизвика незадоволство кај дел од клубовите. Од АБА-лигата откриваат дека на 18 септември било одлучено да се објави јавен повик за сите заинтересирани судии што сакаат да бидат кандидати за делегирање на натпревари. На повикот се пријавиле вкупно 50-мина судии, по што претседателот на Судиската комисија, Мигел Анхел Перес, на 23 септември составил список од 20-мина судии и го доставил до членовите на компанијата за одобрување.

Но, само неколку часа подоцна, настанал нов проблем. Според АБА-лигата, неколкумина судии добиле пораки од адресата [email protected], во кои, наводно, било побарано од нив да не ги прифаќаат ангажманите за натпреварите во АБА-лигата. Од раководството на натпреварувањето тврдат дека во случајот била употребена имејл-адреса што ги содржи името и брендот на АБА-лигата и додаваат дека уште на 18 септември бил известен овластениот претставник на 63 судии да престане со користењето на оваа адреса.

АБА-лигата дополнително тврди дека судиите што комуницираат преку спорната адреса немаат договорна врска со компанијата. Поради тоа, според ставот на раководството, тие немале право да се претставуваат како официјални судии на АБА-лигата или да ги користат нејзините име и бренд во својата комуникација. Целиот спор доаѓа во исклучително незгоден момент, бидејќи останува само еден ден до почетокот на сезоната, а лигата предупредува дека случувањата потенцијално може да го загрозат почетокот на натпреварувањето.

Поради ситуацијата, Претседателството на АБА-лигата најави дека ќе им предложи на членовите итно да ги преземат сите неопходни правни дејства за заштита на интелектуалната сопственост, угледот и интересите на лигата. Дополнително, најавено е и барање за надоместок на евентуалната штета што би можела да произлезе од целиот случај.

Така, наместо мирен почеток на сезоната, регионалната кошарка се најде во центарот на нов голем спор. Останува да се види дали ќе биде решен проблемот со судиите навреме или АБА- лигата ќе биде принудена да направи промени на самиот почеток на сезоната. Особено внимание ќе им се посвети на реакциите на клубовите, имајќи предвид дека и претходно имаше незадоволство околу составот на судиската листа. На чело на АБА-лигата од оваа сезона е Остоја Мијаиловиќ, кој се соочува со сериозен организациски предизвик непосредно пред почетокот на новата сезона.

ИЗДВОЕНИ