Викендов, на 26 и 27 септември 2026 година, Серменин повторно ќе живее во ритамот на велосипедите. Планинските патеки на КожуВ ќе ги исполнат велосипедисти, рекреативци и љубители на природата, за кои оваа манифестација одамна е повеќе од обична велосипедска тура. Централниот дел од програмата е планинската велосипедска тура, долга околу 40 километри, со приближно 1.200 метри висинско искачување. Но, зад километражата и висинската разлика стои нешто поважно – можноста природните убавини на Кожув да станат туристички производ. „Сите уф Серменин“, традиционалниот спортско-рекреативен велосипедски настан, започна во 2023 година. Венци Ристова, член на организацискиот одбор на оваа манифестација вели дека се стремеле да ја направат како едно место за дружење не само за планински велосипедисти туку и за сите љубители на планинарењето, рекреацијата и запознавањето со природата

Од заборавено планинско село до место каде што се среќаваат велосипедисти од целата земја – „Сите уф Серменин“ прераснува во една од интересните спортско-рекреативни приказни на Гевгелискиот Регион. Викендов, на 26 и 27 септември 2026 година, Серменин повторно ќе живее во ритамот на велосипедите. Планинските патеки на Кожув ќе ги исполнат велосипедисти, рекреативци и љубители на природата, за кои оваа манифестација одамна е повеќе од обична велосипедска тура.

Централниот дел од програмата е планинската велосипедска тура, долга околу 40 километри, со приближно 1.200 метри висинско искачување. Но, зад километражата и висинската разлика стои нешто поважно – можноста природните убавини на Кожув да станат туристички производ.

Посебната вредност на манифестацијата е во самата локацијата. Селото Серменин е сместено на падините на Кожув и претставува природна врата кон планината. Во неговата околина се наоѓаат бројни природни и културни вредности – од шумските предели и планинските патеки до водопадот Вера и старите цркви и манастири, меѓу кои и манастирот „Св. Илија“.

„Сите уф Серменин“, традиционалниот спортско-рекреативен велосипедски настан започна во 2023 година.

Венци Ристова, член на организацискиот одбор на оваа манифестација, вели дека се стремеле да ја направат како едно место за дружење не само за планински велосипедисти туку и за сите љубители на планинарењето, рекреацијата и запознавањето со природата.

– Серменин го одбравме затоа што има идеална позиција за љубителите на адреналинскиот велосипедизам. Има одлична патека која поминува низ самата шума, низ прекрасни предели кои ви го одземаат здивот. Организатори на првата средба „Сите уф Серменин“ во 2023 година беа нашиот „Гевгелија точак клуб“, Општина Гевгелија, АМД „Дичо Панов“ и тогашниот  словачки амбасадор во Македонија, Хенрик Маркуш. Тој важи за пасиониран велосипедист и беше редовен учесник и поддржувач на велосипедиските настани во Македонија. На првата средба имавме масовна посетеност. Во дворот на старото училиште се собраа над 170 велосипедисти, речиси од цела Македонија. Дружењето траеше еден ден – нагласи таа.

За разлика од тогаш, годинава настанот трае два дена.

– В сабота ги очекуваме камперите кои ќе ги постават своите шатори, а вечерта најавуваме голема журка со музика. Наредниот ден, во недела во 9 часот, е стартот на велосипедската тура во должина од 40 километри, додека потоа нè очекува заеднички ручек и забавна програма. И во досегашните изданија имало и други спортски и забавни активности, како играње шах, табла, карти, џамлии и пинг-понг, што покажува дека манифестацијата е замислена и како ден за дружење, а не само како велосипедска трка – информираше Ристова.

Таа, на крајот, упати порака дека не мора да сте велосипедист за да бидете дел од овој настан.

– Дојдете сами, или доведете ги пријателите, вашето семејството на добра журка, кампување и уживање во природата на Кожув – порача Ристова.

Кожув има природни предуслови за развој на активниот туризам, а велосипедските патеки и организираните настани, каков што е и „Сите уф Серменин“ можат да бидат еден од начините тој потенцијал да се претвори во конкретна туристичка понуда. Развојот на велосипедската инфраструктура во Серменин е чекор во таа насока. Во рамките на проектот „Балкан Вело“ се реализираат активности поврзани со старото училиште и ековелосипедската патека кон манастирот „Св. Илија“.

„Сите уф Серменин“ покажува дека велосипедот може да биде и средство за туризам, промоција на природата и оживување на едно планинско село. А доколку манифестацијата продолжи да расте, Серменин би можел да стане една од позначајните точки на мапата на планинскиот и велосипедскиот туризам во југоисточниот дел на Македонија. Затоа „Сите уф Серменин“ не треба да се гледа само како ден кога стотина или повеќе велосипедисти ќе поминат низ Кожув. Тој може да биде почеток на една поголема приказна: Кожув како место каде што се доаѓа не само да се помине, туку да се остане. Ако се постигне тоа, тогаш „Сите уф Серменин“ нема да биде само велосипедска манифестација. Ќе биде знак дека Кожув полека почнува да го освојува своето место на туристичката карта на Гевгелија – на две тркала.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ