Третото издание на извештајот „Предизвици за безбедноста во вселената 2026“, објавен од Одбранбената разузнавачка агенција (DIA) при Пентагон, претставува податоци за драстичниот раст на воените капацитети на големите сили во орбитата на Земјата.
Овој документ на Пентагон, кој ги вклучува најновите податоци заклучно со јули оваа година, укажува на премин од теоретски закани во вселената кон оперативни и офанзивни оружја, пренесув „Њузмакс Балканс“.
Како што се очекуваше, извештајот се фокусира на Кина, која е идентификувана како примарна безбедносна закана за инфраструктурата на САД. Кинеската мрежа на сателити за разузнавање, надзор и извидување (ISR) е тројно зголемена од 2018 година и сега опфаќа повеќе од 510 оперативни средства.
За првпат е објавена декласифицирана сателитска снимка од кинеското тајно вселенско летало за повеќекратна употреба, „Шенлонг“ („Божествен змеј“), на која се гледаат неговите распоредени соларни панели. Ова летало со години се наоѓа во орбитата, при што изведувало маневри за приближување до странски сателити.
Понатаму, аналитичарите на „Пентагон“ проценуваат дека Пекинг веќе користи ласери лоцирани на Земјата за попречување на оптичките сензори на американските сателити, додека распоредувањето на ласерско оружје директно во орбитата се очекува пред крајот на оваа деценија. Русија развива оружје што би можело да ги загрози сателитите.
Во меѓувреме, Русија претставува сериозна закана преку развојот на асиметрично и деструктивно оружје. Во извештајот на Одбранбената разузнавачка агенција (DIA) се наведува дека Москва активно развива сателит дизајниран да носи нуклеарна боева глава во вселената. Иако такво оружје сè уште не е распоредено, DIA предупредува на можноста за катастрофално сценарио.
Евентуална нуклеарна детонација во вселената би создала долготрајни појаси на зрачење, способни да ги уништат и онеспособат илјадници цивилни и комерцијални сателити во ниската орбита околу Земјата (LEO). Ова би можело, практично преку ноќ, да ги онеспособи глобалните комуникациски и GPS системи ширум планетата. Руските сателити, како што е контроверзниот „Космос 2612“, веќе изведуваат агресивни маневри за следење на западните комерцијални сателити – особено оние од мрежата „Старлинк“ (Starlink), кои обезбедуваат поддршка за силите на првите борбени линии во Украина.
Бидејќи ниската орбита околу Земјата се соочува со досега невидена пренатрупаност поради огромните мрежи од комерцијални сателити, безбедносните ризици растат.
Сателитите стануваат цели за кибер-напади и попречување.
Конфликтот во Украина покажа дека цивилните комуникациски системи станале легитимни воени цели. Истовремено, Кина и Русија забрзано развиваат високософистицирани методи за сајбер-напади и електронско попречување, наменети за неутрализирање на овие системи без нивно физичко уништување. Пекинг одговара на овие тврдења од официјален Вашингтон со контрамерки, обвинувајќи ги САД за милитаризација на вселената и за вградување вештачка интелигенција во воените сателити.
Трката во вооружување во вселената официјално започна, а влогот никогаш не бил поголем: контрола врз информациите што го придвижуваат современиот свет.












