Словенечката влада во четвртокот го потврди предлогот за измени и дополнување на Законот за организација и финансирање на воспитанието и образованието и го испрати во парламентот по скратена постапка. Предлогот предвидува намалување на бројот на претставници на вработените во управните одбори на јавните градинки и училишта, што претставува прв чекор од сеопфатната реформа на образовниот систем.
Како што соопштија од Министерството за образование, наука и млади на Словенија, со предложените измени повторно се воспоставува систем во кој рамномерно се застапени сите учесници.
Според новиот модел, основачот, вработените и родителите ќе имаат по три претставници во одборите на јавните градинки и основните училишта, со што бројот на претставници на работниците се намалува од досегашните пет на три.
Промени се предвидени и во средните училишта. Досегашниот состав на одборот (три претставници на основачот, пет претставници на работниците, три претставници на родителите и два претставници на учениците) се менува така што одборот ќе го чинат три претставници на основачот, три претставници на работниците, два претставници на родителите и еден претставник на учениците.
Предлог-законот предвидува и одборот на установата да се смета за конституиран кога е именувано или избрано мнозинството од неговите членови. Заради непречено спроведување на проектите од Европската кохезиска политика во рамките на постојната финансиска перспектива, измените на законот ја продолжуваат можноста за вршење дополнителна работа до 2030 година.
Од Владата истакнуваат дека преструктурирањето на одборите е насочено кон потранспарентно и поодговорно управување со јавните градинки и училишта. Главната цел е да се зголеми влијанието на основачот (државата и општините), како и на родителите и локалната заедница во управувачките структури.
Со предложените измени не се согласува Синдикатот за воспитание, образование, наука и култура на Словенија (СВИЗ), од каде што предупредуваат дека намалувањето на бројот на претставници на вработените ќе го зголеми влијанието на политиката на локално и државно ниво, како и влијанието на родителите при именувањето директори.
Словенечкиот министер за образование Борут Рончевиќ во почетокот на септември, коментирајќи ги резултатите од истражувањето ПИСА за 2025 година кои покажуваат пад на постигањата на словенечките петнаесетгодишници, најави целосна реформа на образовниот систем.
Реформата, меѓу другото, предвидува укинување на деветгодишното и враќање на осумгодишното основно образование, растеретување на наставните планови и програми, како и реформа на националното проверување на знаењата и државната матура, потсетува СТА.












