Канадската влада ја разгледа и можноста за американска воена акција против Канада, изјави премиерот Марк Карни во разговор за The New York Times. Тој нагласи дека станува збор за крајно неверојатно сценарио, но и дека неговата администрација се подготвила за него.
„Мислам дека на вакви должности имате одговорност да ги разгледате и крајно неверојатните ризици“, рече Карни. „Тоа е едноставно управување со ризици. Тоа не е сценарио што го очекуваме, но би било неодговорно да не се подготвиме“, пренесува BBC.
Односите меѓу соседните земји се затегнаа за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп. Тој повеќепати ја нарекуваше Канада „51-ва сојузна држава“, а започна и трговска војна која минатиот месец се продлабочи со заемни царини на низа производи.
Сепак, Карни вели дека „често“ разговара со Трамп. „Од моја перспектива, имаме добар однос во смисла дека можеме да кренеме слушалка и да разговараме за прашањата што ќе се појават“, рече тој. Тој е директен. И јас сум директен кога станува збор за нашите ставови. Така е многу поефикасно, а тој однос постои и ќе продолжи да постои“, вели Карни.
Канадскиот премиер смета дека сè уште постои пат кон продолжување на трговските преговори со САД и дека обновувањето на пријателските односи би им користело на двете земји.
Во случај на воен конфликт, односот на силите би бил изразито нееднаков. Според податоците на нивните влади, американските активни и резервни сили бројат повеќе од два милиони луѓе, а канадските помалку од 200.000. САД во 2024 година имаа 65 воени подморници, а Канада четири. Карни, откако ја презеде функцијата, ги зголеми трошоците за одбрана, меѓу другото и поради положбата на Канада долж Арктикот и нејзиниот брег, кој е најдолг во светот.












