Во ходниците на европските институции во Брисел веќе се зборува за можен крај на една политичка ера, доколку еден од најгласните лидери на европскиот лев центар повеќе не седи на преговарачката маса. Педро Санчез е еден од ретките социјалдемократски премиери во Европската унија, па денешните предвремени избори во Шпанија (29 ноември) отвораат прашања што ги надминуваат границите на Мадрид, анализира „Дојче веле“.
По повеќе од осум години на власт, Санчез распиша предвремени избори во октомври, по блокадата на владините мерки за станбената криза, но и под притисок на мигрантската криза во Сеута и обвинувањата за корупција, кои тој и неговата сопруга ги негираат. Предизборните анкети најавија тесна трка: конзервативната Народна партија (ПП) имаше околу 31 отсто поддршка, Социјалистите на Санчез околу 29 отсто, додека тврдодесничарската „Вокс“ котираше на околу 18 отсто – што отвора можност за десничарско мнозинство.
Политичкиот аналитичар Хавиер Карбонел од Центарот за европска политика во Брисел оценува дека еден од највлијателните гласови на европскиот лев центар „би можел да биде замолчен“. Тој ги издвојува трите клучни точки по кои се издвојува Санчез: спротивставувањето на американскиот претседател Доналд Трамп, поддршката за палестинска државност и отворената политика кон имиграцијата.
За разлика од Санчез, кој тврди дека мигрантите го одржуваат економскиот раст, влада составена од ПП и „Вокс“ би значела заострување на миграциските правила и приклучување кон построгиот европски тренд, сличен на политиките на Германија, Австрија или Холандија.
Промена се очекува и во одбраната и надворешната политика. Иако Шпанија годинава достигна два отсто од БДП за одбрана, Санчез се противеше на новата цел на НАТО од пет отсто до 2035 година, додека ПП и „Вокс“ поддржуваат зголемување на воените расходи. Истовремено, истражувачката Камино Мортера-Мартинез предупредува дека евентуалниот пораз на Санчез би донел и повлекување од остриот курс кон Израел и одбраната на палестинската државност, со што Мадрид изминатите две години се издвојуваше во ЕУ.












