Нерасчистени имотно-правни односи се причина за сериозен семеен инцидент што се случил вчера попладне во гостиварското село Чегране, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според официјалните информации, 27-годишен жител на селото пријавил дека бил физички нападнат од неговите чичковци, кои во нападот употребиле и остри предмети. Инцидентот се случил околу 15:20 часот во дворот од семејната куќа, кога лицата со иницијали Ј.А. и Ф.А. започнале физичка пресметка со својот внук.
Според изјавата на пријавителот, агресијата на чичковците не завршила тука, тие насилно влегле и во куќата, каде што физички го нападнале и неговиот татко.
Случајот веднаш бил пријавен во Полициското одделение Чегране. Од полицијата нагласуваат дека веќе се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.












