Една од пет жени се соочува со постпородилна депресија, а менталното здравје за време на бременоста и по породувањето сè уште останува недоволно препознаено во здравствениот систем. Иако постојат стратегии и акциски планови, перинаталното ментално здравје ретко се третира како составен дел од грижата за мајките, покажуваат искуствата и истражувањата презентирани на конференцијата „Ментално здравје како приоритет: Од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“.
Од Здружението ЕСЕ посочија дека преку едукативни активности биле опфатени повеќе од 110 жени, додека кампањата на социјалните мрежи достигнала до над 1.000 лица. Според нивните согледувања, кај голем дел од жените ова било прво запознавање со темите поврзани со менталното здравје во текот на бременоста и по породувањето, што укажува на сериозен недостиг од информации и поддршка.
Дополнително, од Реактор информираа дека интересот за психолошка поддршка бил исклучително голем. Во рок од само 24 часа, 150 мајки на деца до една година се пријавиле за учество во групи за поддршка. Формирани биле две групи кои одржале 12 средби со психолози и психотерапевти, при што се обработувале различни аспекти од психолошкото здравје во перинаталниот период.
Учесниците на конференцијата оценија дека потребните решенија не бараат големи системски промени, туку подобра организација на постојните ресурси и обезбедување достапна и финансиски прифатлива психосоцијална поддршка за секоја мајка. Според нив, неопходно е мајчиното ментално здравје да стане дел од јавните политики, а темата да престане да биде табу поради кое многу жени се двоумат да побараат стручна помош.
Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, нагласи дека перинаталното ментално здравје е релативно нова тема дури и во Франција, но податоците што биле објавени пред неколку години покажале загрижувачка состојба.
„Студијата покажа навистина загрижувачки податоци за постнаталното здравје кај жените, поврзано со голем број случаи на анксиозност, депресија, па дури и самоубиствени нагони. Ваквите проекти се клучни за подигнување на свеста и за охрабрување на институциите да преземат конкретни мерки“, изјави Ле Риголер.
Иако Министерството за здравство спроведува програми за заштита на мајките и децата, во земјава сè уште нема посебна национална програма за превенција, рано препознавање и третман на постпородилна депресија, поради што граѓанските организации бараат перинаталното ментално здравје да стане составен дел од јавните здравствени политики. (П.А.)












