вторник, октомври 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Секоја населба во Штип да има одговорни лица за одржување на зелените...

Секоја населба во Штип да има одговорни лица за одржување на зелените површини

1

Почнаа активностите за изградба на паркинг-простор и хортикултурно уредување на запуштениот простор меѓу улиците „Сремски фронт“ и „Борис Крајгер“ во населбата Сењак во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека од буџетот на Општината се инвестираат 5,5 милиони денари.

– Ова е јавна површина, која во минатото не била соодветно третирана и уредена. Поголем дел од јавната површина во минатото била узурпирана со времени објекти, лимени гаражи и несоодветна содржина. Во изминатите неколку недели и месеци, морам да изразам благодарност за совеста до сите станари од околните станбени згради, кои самоиницијативно ги отстранија времените објекти – вели Јорданов.

Тој ги повика сите граѓани и пензионери кои сакаат да земат соодветен надоместок, да се пријават во Општина Штип за секојдневно одржување на зелените и партерните површини околу нивните станбени згради.

– Најголемиот проблем со кој се соочивме како локална самоуправа и кој треба да се смени е одржувањето на содржините што ги создаваме. Ги повикувам да се пријават нашите сограѓани или пензионери, кои за соодветен надоместок од страна на Општина Штип ќе бидат одговорни за одржување на ваквите зелени површини, јавните површини околу нивните станбени згради. Колку и да се трудиме во рамките на логистиката и капацитетите што ги има ЈП „Исар“ да се ѓубри и да се чисти депонираниот отпад на неделна основа, сепак, на дневна основа треба да биде задолжен човек од месното население, кој секојдневно ќе се грижи за ваквите урбани средини што ги создаваме – рече Јорданов. 

Идејата е во секоја штипска населба да се постават одговорни лица кои ќе ги штитат урбаната опрема, хигиената и редот, бидејќи урбаната опрема многу често се уништува, особено во ноќните часови.

ИЗДВОЕНИ