вторник, ноември 24, 2026
Дома БАЛКАН ЕК будно ја следи ситуацијата во БиХ по најавата за измени на...

ЕК будно ја следи ситуацијата во БиХ по најавата за измени на Уставот на РС

0
Фото: EPA/RONALD WITTEK

Европската комисија соопшти дека „многу внимателно“ ја следи ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ), додека владејачката партија Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Република Српска (РС) подготвува нов устав на ентитетот, кој предвидува сопствена војска и право на самоопределување.

Портпарол на Комисијата, чие име не е откриено, во писмен одговор за агенцијата DTT-NET изјави дека Уставот на БиХ е „највисокиот правен акт во земјата и неговите одредби мора целосно да се почитуваат“, пренесува сараевскиот портал Klix.ba.

DTT-NET е независна новинска агенција специјализирана за известување за Западен Балкан, процесот на проширување на Европската унија и прашања поврзани со енергетиката.

Портпаролот на Комисијата додаде дека сите измени на уставите на ентитетите „мора целосно да бидат во согласност со принципите содржани во Уставот на БиХ“, како и со судската пракса на Уставниот суд на БиХ.

На 13 март минатата година, парламентот на РС – по предлог на СНСД – усвои нацрт на нов устав. Лидерот на СНСД, Милорад Додик, најави дека Народното собрание на РС треба да го усвои новиот устав до февруари следната година.

На 27 март оваа година, Уставниот суд на БиХ ја поништи одлуката за утврдување на нацрт-уставот на РС, оценувајќи дека тој не е во согласност со Уставот на БиХ, и им наложи на Народното собрание и на сите органи во РС да ги прекинат сите активности што се спроведуваат врз основа на таа одлука. Предложениот устав предвидува повторно формирање на Војската на Република Српска (РС), право на РС на самоопределување, укинување на Советот на народите и на функцијата потпретседател на РС, а Бања Лука – наместо Сараево – ја одредува како главен град на РС.

Според нацртот, законите донесени од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ) би важеле во РС дури откако ќе бидат ратификувани од Народното собрание на РС. DTT-NET проценува дека нацртот на новиот Устав на Република Српска го отвора патот кон државна унија со Србија и укажува на лобирањето што го спроведуваат властите на Република Српска во Вашингтон.

Повикувајќи се на документи поднесени согласно американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA), агенцијата известува дека канадската фирма „Дикенс и Медсон“ (Dickens & Madson) била ангажирана во септември 2025 година, на период од две години, со цел да обезбеди поддршка од САД и независност на Република Српска од Босна и Херцеговина.

Фирмата „Зел и асошиејтс“ (Zell & Associates) од Њујорк, која се поврзува со адвокатот Марк Зел, исто така има склучено договор со Република Српска.

Според истиот извор, властите на Република Српска ѝ предложиле на администрацијата на Трамп заеднички потфат поврзан со наоѓалиште на литиум – ресурс чија вредност, според проценките на Владата на Република Српска и швајцарската компанија „Аркор“ (Arcore), изнесува приближно 100 милијарди евра.

Експлоатацијата требаше да започне оваа година, но таа сè уште не е започната, пренесува „Бета“.

 

ИЗДВОЕНИ