Цените на угостителските услуги во септември годинава се зголемиле за 3,8 % во однос на тој месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Иако поскапувањето продолжува, бројките кажуваат дека темпото на раст е значително поумерено во споредба со претходните години.
Во периодот јануари – септември 2026 година, цените на угостителските услуги се зголемиле за 3,1 % во однос на тој период минатата година. Тоа значи дека граѓаните годинава повторно плаќаат повеќе за јадење, пијалаци и за престој, но растот на цените е далеку под нивото што беше регистрирано во изминатиот период.
За споредба, во септември 2025 година, угостителските услуги биле поскапи за 4,7 % во однос на септември 2024 година, додека во 2024 година годишниот раст изнесувал 5,2 %. Уште поголем раст имало во септември 2023 година, кога биле повисоки цените за 6,2 % во однос на тој месец претходната година.
Разликата е уште поизразена кога се гледа просекот за првите девет месеци од годината. Во 2023 година, угостителските услуги во периодот јануари–септември поскапеле за 11,1 %. Во истиот период во 2024 година, растот бил 5,5 %, а во 2025 година 5,2 %. Годинава растот е сведен на 3,1 %.
Трендот е значаен и за угостителите, кои во своите цени ги пресметуваат трошоците за храна, енергенси, плати и за други услуги. Намалувањето на стапката на раст на цените може да значи одредено стабилизирање на трошоците, но не и нивно враќање на нивото од пред неколку години.












