Во економското училиште „Јане Сандански“ во Битола целосно е реконструирана училница, а набавен е и училиштен мебел по спроведена јавна набавка во вредност од 197.100 денари со ДДВ, со што се создадени услови за сите ученици и професори во училиштето.
Победничкиот тим од UPSHIFT-програмата денеска го презентираше своето дизајнерско решение прочистувач на воздух за во училница – AERVIA. Тимот „Екофрендли“, составен од Матеа Србиновска, Андреа Стојчевска, Марија Трпезановска и од Леонардо Стојковски, го претстави својот прочистувач на воздух „Ервиа“, кој претставува решение насочено кон подобрување на квалитетот на воздухот и создавање попријатни услови во просторот.
– Производот е практичен, функционален и лесно применлив за секојдневна употреба. Со неговото поставување во училниците, на учениците им овозможуваме подобри услови за учење и за работа и се грижиме за создавање почиста и поздрава средина за сите – беше речено на денешната презентација, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
UPSHIFT е програма за социјални иновации, базирана на методологијата на дизајнерско размислување и е наменета за младите што сакаат да решаваат конкретни проблеми поврзани со животната средина и со климатските промени. Проектот го спроведува организацијата LEAD, во соработка со Министерството за образование и наука и со Бирото за развој на образованието.












