Минатата година инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) спровеле околу 6.300 теренски контроли, а резултатите покажале загрижувачка состојба на терен. Според податоците, во секоја четврта контрола биле утврдени неправилности поврзани со евидентирањето на готовинскиот промет.

Поради утврдените прекршоци биле изречени околу 3.200 парични казни, додека во 120 случаи била изречена и мерка за привремена забрана за вршење дејност, што значело и запечатување на деловните објекти.

Како што истакна директорката на УЈП, Елена Петрова, покрај инспекциските надзори биле реализирани и 4.200 советодавни посети, главно во дејности кои се сметаат за ризични во однос на појавата на сива економија.

– Состојбата на терен не е добра. Сепак, изборот на објектите за контрола не се прави субјективно, туку врз основа на анализа на ризик. Контролите денес не се сведуваат само на проверка на касите, туку се анализира и економската суштина на работењето – изјави Петрова.

На денешната седница на Советот за даночна усогласеност, на која учествуваа претставници на УЈП, даночните обврзници и Државен пазарен инспекторат, главна тема беше сивата економија. Според надлежните, таа не само што ја намалува државната каса, туку создава и нелојална конкуренција меѓу компаниите.

Петрова нагласи дека станува збор за долгорочен и системски проблем. „Сивата економија постои со години и не може да се сузбие со поединечни мерки. Потребни се континуирани политики и координиран институционален пристап, поради што повеќе државни институции веќе воспоставија партнерство во борбата против неформалната економија“, рече таа.

Минатата година најголем фокус на контролите бил ставен на угостителството, малопродажбата и дел од услужните дејности. Ризикот, како што посочи директорката, најчесто произлегува од тоа што во овие сектори доминира готовинското плаќање, што ја поттикнува сивата економија.

Оваа година инспекциските активности ќе продолжат во истите дејности, но ќе се прошират и кон други сегменти кои се поврзани со синџирот на угостителските и малопродажните објекти. Дополнително, посебно внимание ќе се посвети и на издавањето сместувачки капацитети, особено на краткорочното издавање на туристички објекти.

ИЗДВОЕНИ