Кој тргнал кон Охрид во летните месеци, добро знае што значи чекање кај Гостивар. За делница што треба да се помине за половина час, возачите понекогаш губат и повеќе од еден час. Проблемот со семафорот не е нов, а секоја сезона повторно ги полни социјалните мрежи со фотографии од колони и револтирани патници. Граѓаните со години предупредуваат дека раскрсницата кај Гостивар не го издржува зголемениот број автомобили. Велат, побрзо се поминува границата со Грција отколку семафорот кај „здуњската крстосница“. ОД ЈП Државни патишта велат дека трајно решение ќе има откако ќе се изградат автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар –Кичево, а дотогаш, надлежните со сообраќајци ќе се обидуваат да го ублажат летниот хаос
Тргнуваш на одмор кон Охрид, Струга или кон Маврово, а наместо да стигнеш до дестинацијата за неколку часа, заглавуваш уште кај Гостивар. Долги редици автомобили, нервозни возачи, вклучени клими додека возилата стојат во место и прашањето што секое лето повторно се поставува – до кога еден семафор ќе биде главната пречка на еден од најфреквентните патишта во државата?
Семафорот кај Гостивар со години е познат како „тесно грло“ на патот кон западниот дел од државата. Во летниот период, кога илјадници граѓани од Македонија, но и туристи од странство се упатуваат кон Охридското Езеро, ова место станува вистински кошмар за возачите и за нивните сопатници заглавени во километарски колони кои со нетрпение гледаат кога конечно ќе се придвижи редицата.
Најголемите гужви се создаваат во петок попладне, како и за време на викендите и празниците. Колоните често почнуваат уште од правецот кон Стража, и обратно од Стража кон Гостивар, а возачите се жалат дека за делница која нормално се минува за половина час, понекогаш губат и повеќе од еден час. Проблемот со оваа раскрсница им е одамна познат на гостиварци, но и на сите кои во лето тргнуваат кон Охрид, Струга, Кичево, Маврово и Дебар. Кога ќе почне туристичката сезона, а особено кога доаѓаат иселениците, бројот на возила значително се зголемува, а семафорот станува место каде што се создаваат најголемите застои. Жителите на Гостивар и патниците од други градови со години реагираат дека на оваа делница се губи многу време.
– Секоја година истото. Се знае дека во лето има многу возила, ама, пак, ништо не се менува. Ќе тргнеш рано за да избегнеш гужва, а ќе налеташ на колона кај Гостивар. Побрзо се поминува границата со Грција, отколку да го минеш семафорот кај Гостивар – револтирано кажува една скопјанка која секој викенд патува по овој правец.
Проблемот не е нов. Бројот на возила одамна ги надмина можностите на постојното сообраќајно решение, а во шпицовите семафорот, едноставно, не успева да го пропушти целиот сообраќаен бран. На социјалните мрежи редовно се објавуваат фотографии и видеа од застојот кај Гостивар. Граѓаните реагираат дека проблемот трае предолго и дека не е нормално една раскрсница да го забавува движењето на илјадници возила.
– Не бараме чудо, туку решение. Ако се знае дека летно време има гужви, треба однапред да се реагира, а не секое лето да се изненадуваме – коментира друг возач.
За магистралниот пат Гостивар – Кичево е надлежно Јавното претпријатие за Државни патишта. Весникот ВЕЧЕР ги праша надлежните во ЈПДП дали ќе се најде чаре за „здуњската раскрсница“ кај Гостивар. Оттаму ни одговорија дека се работи на долгорочно решавање на проблемот.
– Имено, како што знае јавноста, ЈПДП, односно изведувачот – американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ интензивно работи на изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, како и на Гостивар – Букојчани, со што овој проблем ќе се реши системски и долготрајно. За време на викенд шпицовите во летниот период, нашите информации се дека МВР презема активности да се регулира сообраќајот со сообраќајни полицајци – ни рекоа од ЈПДП.
За овој проблем дискутираше Локалниот совет за превенција на Општина Гостивар на крајот на јуни, поради очекуваните застои на сообраќајот за време на летната сезона. Беше одлучено за време на шпицовите, особено за време на викендите, сообраќајот да го регулираат полицајци, наместо само семафорската сигнализација. На состанокот на Локалниот совет за превенција беше посочено дека полицијата веќе го има детектирано проблемот и дека е подготвен посебен план за регулирање на сообраќајот во критичните периоди.
Колку е оптоварена оваа делница покажуваат и податоците на полицијата – во еден ден по овој правец поминуваат повеќе од 34 илјади возила, од кои голем дел се движат кон најпосетуваните туристички места во западниот дел од државата.
Штрајк на грчка граница – патничките коли ќе минуваат на 10 минути, камионите ќе стојат
Утре сабајле, од 5 до 9 часот по македонско време, односно од 6 до 10 часот по грчко време, сообраќајот на трите најфреквентни гранични премини со Македонија – Евзони (Богородица), Дојрани и Ники (Меџитлија) ќе се одвива со намален интензитет, поради штрајкот на грчките царински службеници.
Патничките возила ќе бидат пропуштани на секои 10 минути, додека товарниот сообраќај ќе биде целосно запрен за влез и излез од Грција во периодот на штрајкот. Ова значи дека оние што рано наутро тргнале кон грчкото крајбрежје може да се соочат со колони и чекање, особено на најоптоварениот премин Богородица – Евзони, каде во летниот период секојдневно минуваат илјадници туристи.
Од МВР веќе информираа дека се преземени сите потребни мерки и се ставени во функција сите расположливи човечки и технички капацитети за да се олесни состојбата и да се избегнат поголеми застои.
Штрајковите на грчката страна често предизвикуваат проблеми за македонските граѓани кои патуваат на одмор, но и за превозниците и фирмите кои зависат од непречениот товарен транспорт.
(С. Бл.)












