И покрај мерката „Мој ДДВ“, сивата економија и натаму останува сериозен предизвик, признаваат од Управата за јавни приходи. Во првите четири месеци годинава биле спроведени 960 теренски контроли, при што биле откриени неправилности кај дури 42 проценти од контролираните субјекти. Најчести прекршоци остануваат неиздавањето и издавањето непропишани фискални сметки, поради што биле изречени стотици глоби, а 25 објекти добиле и привремена забрана за работа. Во меѓувреме, расте и бројот на граѓани кои пријавуваат даночни неправилности, што според УЈП е сигнал за поголема јавна свест и потреба од уште поригорозни контроли

 

Граѓаните сѐ повеќе се охрабруваат да пријавуваат неправилности во врска со неиздавањето на фискални сметки. Преку Контакт-центарот и Инфо-линијата на УЈП, во првите четири месеци од годинава пристигнале 887 пријави од граѓани, што е зголемување за 36 % во однос на минатогодишниот број пријави. Од УЈП потсетуваат дека граѓаните можат директно да пријавуваат неправилности и преку апликацијата „МојДДВ“.

Во таа насока се и засилените теренски контроли на Управата за јавни приходи. Оттаму велат дека во овој период биле спроведени вкупно 960 теренски контроли за фискализација, што е зголемување за 5 % во однос на истиот период во 2025 година. Со контролите биле опфатени 434 угостителски објекти, 318 трговски објекти, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа.

– За четирите месеци кај 395 субјекти што е преку 40 проценти од контролираните субјекти, утврдени се неправилности согласно со Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП). Загрижува фактот што бројот на субјекти со утврдени неправилности бележи пораст и покрај континуираните мерки на УЈП. Додека минатата година биле утврдени неправилности кај 32 % од контролираните субјекти, оваа година тој процент е зголемен на 42 – истакнуваат од УЈП.

Дури третина од утврдените неправилности се однесуваат на неиздавање фискални сметки, издавање непропишани фискални сметки и непоседување фискална каса.

За појаснување, издавање непропишани фискални сметки значи дека продавач или фирма издава фискални сметки што не се во согласност со законските правила за фискализација. Тоа може да значи, на пример, дека сметката не е издадена преку регистрирана фискална каса, дека недостига задолжителен елемент (даночен број, време, износ, QR код итн.), дека се користат невалиден или нерегистриран софтвер/каса, печатење „сметки“ што личат на фискални, но не се официјални, потоа рачно пишани сметки наместо фискални, дупликати или изменети сметки или, пак, сметки без евидентиран ДДВ кога треба да има. Според прописите на Управа за јавни приходи, ова претставува прекршок и може да доведе до парични казни, затворање на објектот, даночна контрола или дополнителни санкции за фирмата и за одговорното лице.

Кај тие 395 субјекти кај кои се утврдени неправилности, контролорите на УЈП изрекле глоби на правното лице и на одговорното лице.

– Најчеста неправилност и понатаму останува неиздавањето фискални сметки, при што во првите четири месеци од 2026 година се изречени 242 глоби по овој основ. Значителен раст е евидентиран и кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде бројот на изречени глоби е зголемен од 7 на 32 во споредба со минатата година. Поради повторено неиздавање фискални сметки во период од две години, на 25 субјекти им е изречена мерка привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите – потенцираат од даночната Управа.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, неодамна изјави дека мерката „Мој ДДВ“, која беше воведена како алатка во борбата против сивата економија, со тоа што граѓаните задолжително ќе бараат фискална сметки при пазарувањето, не го дава посакуваниот ефект.

– Сивата економија е комплексна појава и мерката „Мој ДДВ“ сама по себе не може да даде поголемо намалување на сивата економија. Потребни се повеќе мерки, во кои нема да бидат вклучени мерки само од УЈП, за да се влијае за нејзино спречување. Од контролите што ги правиме ние, има уште многу субјекти што не издаваат фискални сметки. А повратот на ДДВ, како поддршка на граѓаните, има бенефиција за нив и останува да се применува – изјави Петрова.

Токму поради тоа, од УЈП најавуваат засилено теренско присуство со зголемен број контролори на територијата на целата држава и во наредниот период.

– УЈП веќе постапува во согласност со нова методологија на контроли, што вклучува и вкрстени проверки за утврдување на веродостојноста на прикажаните приходи кај даночните обврзници. Насочени сме кон откривање на моделите, ризиците и механизмите преку кои се создава неевидентираниот промет, не само за да констатираме разлики туку и да ги разоткриеме тековите на неформалните економски активности и непријавените даноци. На даночните обврзници кај кои е утврден неевидентиран промет им се укажува тој доброволно да го евидентираат во книговодствената евиденција и соодветно да го прикажат во даночните пријави. Доколку даночните обврзници не извршат доброволно усогласување, УЈП ќе спроведува дополнителни даночни контроли и ќе преземе санкции во согласност со законските прописи – децидни се од УЈП.

Целта на ваквите засилени контроли, од УЈП потенцираат дека е во насока на сузбивање на сивата економија и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ