петок, август 14, 2026
Дома СКОПСКА  Се запали дива депонија во Шуто Оризари, активни пет пожари во државава 

 Се запали дива депонија во Шуто Оризари, активни пет пожари во државава 

140

Утринава, повторно се разгоре пожарот што избувна синоќа помеѓу гробиштата Бутел и Шуто Оризари.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека преку бројот 112 била добиена пријава за пожар на сува трева и ѓубре и оти тој се проширува кон куќите, кај „Џиди Комерц“, во Шуто Оризари. Воедно, известена е и Бригадата за  противпожарна заштита на Град Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека пријавата за пожарот била примена во 7 часот.

– Во 07:00 часот, во Секторот за внатрешни работи – Скопје е пријавено дека во населбата Шуто Оризари гори дива депонија. Бригадата за противпожарна заштита презема мерки за гасење на пожарот“ – соопштија од МВР.

Засега нема информации за евентуално повредени лица или за причините за избувнувањето на пожарот.

Од ЦУК  соопштија дека денеска до 12:00 часот на територијата на државата биле регистрирани седум пожари на отворен простор, од кои пет се активни, а два се изгаснати.

Активни се пожарите во: општина Шуто Оризари – кај „Џиди Комерц“,општина Старо Нагоричане – во село Ругинце, каде се зафатени ниска вегетација, стрниште и сува трева, општина Дојран – во селото Сретеново, каде гори шума, општина Велес – покрај автопатот Велес, општина Штип – кај Чолошево, каде гори ниска вегетација и сува трева и општина Велес – на градската депонија, каде гори ѓубре.

Изгаснати се пожарите во село Житоше – општина Долнени, во близина на училиштето, каде гореле ниска вегетација и сува трева и  во селото Кукуречани- општина Битола, каде горело ѓубре.

(А.П.) Фото: (Ѕ.П.)

ИЗДВОЕНИ