Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, засега нема да замине на издржување на затворската казна, иако според упатниот акт требаше на 2 јули да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Причината за одложувањето е барањето што Јакимовски го поднел на 12 јуни, во кое побарал одложување на извршувањето на казната поради здравствената состојба.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека судијата за извршување санкции веднаш започнал проверка на приложената медицинска документација и побарал дополнителни информации од две приватни здравствени установи кои ги издале документите. Бидејќи нивните одговори сè уште не се пристигнати, не е донесена конечна одлука по барањето.
“Според Законот за извршување санкции, судијата има рок од 30 дена да ги провери сите околности и да одлучи по барањето, а до тогаш почетокот на издржувањето на казната се одложува“, велат од судот
Јакимовски треба да ја издржи правосилната едногодишна затворска казна за бесправно градење, изречена во предметот за изградбата на административната зграда на Општина Карпош. Во казната ќе му биде пресметан и периодот што го помина во куќен притвор во 2019 година, поради што, доколку барањето биде одбиено, во затвор би требало да помине уште околу седум месеци.
Првостепено, Јакимовски беше осуден на вкупно три и пол години затвор – една година за бесправно градење и три години за злоупотреба на службената положба. Апелацискиот суд ја потврди пресудата за бесправното градење, додека делот што се однесува на злоупотребата го укина и предметот го врати на повторно судење. По правосилноста на пресудата, Јакимовски оцени дека станува збор за политички мотивирана одлука, тврдејќи дека целта е да биде спречен повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош. Тој најави дека ќе бара заштита на своите права пред Врховниот суд. (П.А.)












