среда, јуни 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се забранува возење тротинет на млади под 18 години, брзината се ограничува...

Се забранува возење тротинет на млади под 18 години, брзината се ограничува на 20км/час

Законските измени на дневен ред на собраниската седница

253

Помлади од 18 години нема да смеат да возат електричн тротинет,  а максималната дозволена  брзина ќе се ограничи на 20 километри на час, ова се предлог измените на Законот за безбедност во сообраќајот кој пратениците ќе го носат по скратена постапка откако се стави на дневен ред на собраниската седница.

„Во измените ќе се дефинира што е лесно електрично возило, дозволената брзина се предвидува да биде 20 километри на час согласно европската регулатива, а електрични тротинети ќе можат да возат полнолетни лица. Знаеме дека законот е ригорозен, но ова е со цел да се заштитат младите бидејќи според статистиката во половината од несреќите во кои учествувале тротинети се деца од 16-17 години“, кажа Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ , предлагач на законските измени.

Меѓудругото, се заоструваат и казните за сторените прекршоци, освен глобата ќе се одзема и електричниот тротинет, мопед или моторцикл од лицата кој ќе бидат фатени дека возат под дејство на алхохол, ако се малолетни или ако на тротинет се возат по двајца или тројца.

Во оправданоста на законските измени, Мицевски кажа дека за две ипол години, од 2024 до 2026 година вкупно се случиле 2352 сообраќајки во кои учествувале мопеди, моторцикли и е-тротинети, во нив загинале 46 луѓе, а 585 завршиле со тешки телесни повреди. Предлог законот ќе се носи по скратена постапка, што значи дека нема да оди на собраниски тела.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ