Во Скопје се воведува нова автобуска линија. Станува збор за линијата со број „37“, која повторно се враќа на улиците во градот.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, информираше на „Фејсбук“ дека е направен ваквиот чекор во координација со скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
– Ја враќаме линијата со број „37“ на улиците, но овој пат по сосема нова траса, која првпат го става во функција булеварот „Словенечка“ и ги поврзува Радишани и Бутел директно со сите средни училишта во Карпош и со „Скопје сити мол“ – објасни Димитровски.
Тој додаде дека летово ќе се почне со промотивен капацитет за сите ученици и родители навреме да се запознаат со возниот ред, а од 1 септември линијата со број „37“ ќе продолжи со полна пареа.
Димитровски нагласи дека враќањето на овој препознатлив број е совршен спој меѓу скопските спомени и современата мобилност.












