Меѓународната конференција за поврзаност во Скопје

Продлабочувањето на поврзаноста меѓу Кина и Европа е неопходност, а не прашање на избор, истакна амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, на отворањето на Меѓународната конференција за поврзаност, што денеска се одржа во Скопје. Амбасадорката ја нагласи стратешката улога на Балканот како крстопат меѓу Европа и Азија и посочи дека регионот историски бил место на трговска и културна размена, а денес повторно добива значење како важен транспортен и економски јазол, каде што се вкрстуваат копнено-поморската експресна линија Кина –Европа и паневропските коридори.

– Балканскиот Полуостров со својата стратешка местоположба на крстопатот меѓу Европа и Азија, уште од древни времиња бил раскрсница за трговци и патници и место на средби и размена меѓу цивилизациите. Пред повеќе од две илјади години, трговската и културната размена долж древниот Пат на свилата допрела и до Балканот. Повеќе од пет века, Камениот мост на реката Вардар ги поврзува двата брега на Скопје, сведочејќи за историјата на размена, соживот и културно заемно влијание во градот. Денес, копнено-поморската експресна линија Кина – Европа и паневропските коридори се вкрстуваат токму тука, повторно претворајќи го овој регион во динамично средиште на поврзаноста, рече амбасадорката Сиаојан.

Продолжувајќи ја пораката од Самитот на АПЕК во Шенџен, амбасадорката истакна дека отвореноста и соработката се основа за заеднички развој, посочувајќи ги економските резултати на Кина, нејзината трговска размена со повеќе од 150 земји и придонесот на иницијативата „Појас и пат“, преку која се мобилизирани речиси илјада милијарди долари инвестиции и отворени околу 400.000 работни места.

Таа нагласи дека Кина ќе продолжи да ги отвора своите пазари и да ги споделува развојните можности со европските земји, очекувајќи и Европа да обезбеди отвореност и поволни услови за кинеските инвеститори.

– Кина ќе остане цврсто посветена на изградбата на нов систем на отворена економија на повисоко ниво и ќе продолжи да ги споделува новите можности што ги носи кинеската модернизација со сите земји, вклучително и со земјите во Европа, истакна Сиаојан.

Во однос на инфраструктурното поврзување, таа посочи дека железничката експресна линија Кина – Европа досега реализирала повеќе од 140.000 патувања, поврзувајќи 237 града во 26 европски земји, со превезена стока во вредност од над 560 милијарди долари. Како примери за придобивките од кинеското учество во регионалната инфраструктура ги наведе автопатите во Црна Гора, Србија и Македонија, како и проширувањето на капацитетите на пристаништето Пиреја во Грција.

Посебно ја истакна позицијата на Македонија во регионалните транспортни правци, нагласувајќи дека земјава треба подобро да го искористи својот географски потенцијал и да работи на поврзување на железничките и поморските коридори.

– Северна Македонија треба уште подобро да ја искористи својата положба на сообраќаен јазол, да ја забрза работата на „средишната алка“, да се заложи за продолжување на железничката врска Унгарија – Србија кон југ и да ја доврши „последната милја“ до пристаништето Пиреја, порача кинеската амбасадорка.

Говорејќи за идните приоритети, Сиаојан посочи и на зелената и дигиталната трансформација како важни столбови на поврзаноста. Таа ги истакна кинеските вложувања во обновливите извори на енергија, електрификацијата на железничката мрежа и развојот на возилата на нови извори на енергија, како и примената на вештачката интелигенција во транспортот, логистиката и царинските постапки. Според неа, дигитализацијата веќе придонесува за побрз проток на стоки, при што преку системот „Дигитално пристаниште“ најкраткото време за царинење е сведено на помалку од 30 минути.

Осврнувајќи се на економските односи меѓу Кина и ЕУ, таа посочи дека двете економии заедно сочинуваат повеќе од една третина од светското економско производство, а нивните индустриски и синџири на снабдување се тесно поврзани. Додаде дека соработката се одвива и преку инвестициите, трговијата и размената меѓу луѓето, со речиси 600 летови неделно и повеќе од 9,7 милиони патувања годишно во двете насоки.

Во завршницата од обраќањето, амбасадорката порача дека Кина е подготвена заедно со европските земји, вклучително и Македонија, да работи на изградба на отворена, разновидна, зелена и интелигентна мрежа на поврзаност меѓу Азија и Европа.

– Преку тековите што ги овозможува поврзаноста, можеме да поттикнеме нов економски раст, да ги претвориме предностите на географската положба во индустриски предности и да ги издигнеме географските врски во врски меѓу срцата на луѓето, порача Сиаојан.

Пораките на амбасадорката за продлабочување на економската, инфраструктурната и технолошката поврзаност меѓу Кина и Европа се надоврзаа и на пошироките геополитички оценки на професорот Џоу Бо од Универзитетот „Цингхуа“, кој на форумот ја отвори перспективата за идните односи меѓу двете страни и улогата на Кина во меѓународниот поредок.

Во своето обраќање, професорот Џоу Бо ги истакна потребата од соработка и значењето на Кина за глобалната безбедност, оценувајќи дека „посилна Кина може да го направи светот побезбеден“ и дека „односите меѓу Кина и Европа ќе се подобрат“ затоа што двете земји не сакаат односите да прераснат во конфронтација. Тој ја опиша Кина како чувар на меѓународниот поредок, а нејзиниот придонес во светските односи го спореди со воздухот:

– Придонесот на Кина е како воздухот – останува незабележан, а вие го дишете, рече професорот Бо.

Тој посочи и дека многумина за Кина велат дека е суперсила, но внатре во земјата сè уште преовладува реториката дека Кина е земја во развој и дека САД се сè уште економски посилни. Професорот поентираше и со прашањето – дали 21 век е побезбеден од 20 век, во кој имаше две светски и една студена војна?! (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ