сабота, октомври 3, 2026
Дома СКОПСКА Општина Центар со нова мобилна апликација за граѓаните

Општина Центар со нова мобилна апликација за граѓаните

73

Општина Центар ја пушти во употреба својата официјална мобилна апликација, преку која граѓаните на едно место ќе имаат пристап до најважните информации, услуги и дигитални алатки на Општината.

Апликацијата во моментов е достапна за преземање на „Ап стор“ за корисниците на iOS, а во следните неколку дена ќе биде достапна и за андроид-корисниците, преку „Гугл плеј“.

Од локалната самоуправа велат дека новата апликација е уште еден чекор во процесот на дигитализација и има цел да ја направи комуникацијата со Општината побрза, поедноставна и подостапна.

– Преку мобилен телефон, граѓаните ќе може да ги следат актуелните вести, соопштенија, настани и јавни повици, но и директно да пристапат до електронските услуги и сервисите што ги нуди Општина Центар – соопштија општинските власти.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека со новата апликација, Општината продолжува со воведувањето современи решенија, кои им заштедуваат време на граѓаните и им овозможуваат полесен пристап до информациите и услугите.

Преку апликацијата е овозможен брз пристап до ГИС- порталот, Е-урбанизам и Е-дозволи, „Мој буџет“, како и до сите општински услуги организирани по категории, со можност за брзо пребарување.

На едно место се достапни и општинските документи, обрасци и одлуки, како и сите потребни контакт информации: адреса, телефон, електронска пошта и работно време на Општината.

Предвиден е посебен дел за директна комуникација со граѓаните, преку кој тие ќе можат да пријават проблем или да испратат предлог до Општината. Достапни се и корисни линкови за пристап до информациите од јавен карактер, пријавување корупција, отворени податоци и граѓански буџет.

Апликацијата е наменета не само за жителите на Општина Центар туку и за сите што работат, престојуваат или секојдневно го посетуваат центарот на Скопје.

ИЗДВОЕНИ