Карлос Пратес не крие дека има огромни амбиции во УФЦ, а неговата цел е да стигне до шампионскиот појас во велтер категорија и да го симне Ислам Махачев од тронот. Бразилецот прво ќе мора да го совлада Мајкл Моралес на 30 јануари, во Торонто, во борба за привремената титула.
Пратес верува во своите квалитети и најавува дека по евентуалната победа над непоразениот Еквадорец, ќе добие можност да се соочи со Махачев. Тој откри и дека претходно имало разговори за меѓусебна пресметка во јануари, но Дагестанецот се откажал од борбата.
- Во моментов, фокусот ми е на Моралес. Ќе го победам, а потоа ќе се борам со Махачев. Ќе го испратам во пензија. Ви ветувам, кога ќе се сретнеме во октагонот, ќе го удрам толку силно што никогаш повеќе нема да посака да се бори – порача самоуверениот Бразилец.
Пратес има професионален биланс од 24 победи и седум порази, додека Моралес е непоразен со 19 победи, од кои дури 14 остварени со нокаут. За Бразилецот, ова ќе биде сериозен тест, но и можност да се приближи до најголемата борба во кариерата.











