„Некои луѓе создале музичка историја. Од нивните песни учевме како се пее. Нашата легенда, Верица Ристевска, по долго време, ќе ја видите на концертот во рамките на проектот „Македонијо, во срце те носиме“. Таа е македонска музичка икона, лектира за нас помладите како се пее, таа е дама и инспирација. За Македонија остави музичко наследство кое е бесценето, вака порачува поп-пејачката Бојана Скендеровски. Со тоа, всушност се најавува големо (сценско) враќање на легендарната Верица.
Симболично, во заднината на најавата на Бојана, се слуша евергринот „Ти си песна што ќе трае“, песна од 1979 година, која е меѓу најпознатите музички остварувања на Ристевска, покрај веќе незаборавната „Летај ми, галебе мој тажен“. Многу добро ја памтиме Верица и како членката на групата „Македонија“.
Верица Ристевска, по навистина подолга пауза повторно ќе запее пред скопската публика. Ќе биде дел од споменатиот (патриотски) концерт „Македонијо, во срце те носиме“, во спортскиот центар „Јане Сандански“, на 12 декември, со почеток во 20 часот. Треба навистина искрено да се радуваме бидејќи Верица е закон во музиката! (Д. М.)












