петок, ноември 27, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Автомобилите ќе поевтинат за 2 до 3 илјади евра

Автомобилите ќе поевтинат за 2 до 3 илјади евра

Увозниците сметаат дека намалувањето на давачките нема да достигне 50 проценти, но очекуваат автомобилите да поевтинат за 2.000 до 3.000 евра доколку се усвојат измените. Пратеникот Миле Цеков предлага укинување на данокот на луксуз за возилата до 20.000 евра и ослободување од CO₂-давачката за автомобилите со евро 6 стандард или повисок

0

Автомобилите во Македонија би можеле да поевтинат за 2.000 до 3.000 евра доколку бидат усвоени предложените измени на Законот за данок на моторни возила, со кои се предвидува намалување на дел од давачките при увоз на нови и на половни возила. Сепак, очекувањата дека ќе се намалат вкупните увозни трошоци за 50 проценти се премногу оптимистички, сметаат увозниците на автомобили.

Според А. Г., увозник на автомобили и сопственик на автоплац, и доколку бидат прифатени предложените измени на независниот пратеник Миле Цеков, реалното намалување на давачките би изнесувало најмногу околу 2.000 евра. Тој објаснува дека тоа, сепак, би претставувало значително олеснување за граѓаните, кои во моментов плаќаат исклучително високи трошоци при увоз.

– Ако досега се плаќале околу 7.000 евра за сите увозни давачки, логично би било, доколку се намалат тие за 50 проценти, да се плаќаат околу 3.500 евра. Но, сметам дека нема да се случи тоа. Најмногу што може да се очекува е намалување од 7.000 на околу 5.000 евра. Тоа би значело дека автомобил што со сите трошоци досега чинел 22.000 евра, би чинел околу 20.000 евра – вели А. Г. за ВЕЧЕР.

Тој посочува дека разликата меѓу набавната цена на автомобилот во странство и конечната цена што ја плаќа купувачот во Македонија е особено голема поради дополнителните трошоци за увоз.

– За илустрација, автомобил што го купувате во странство за 11.000 евра, по пресметувањето на сите трошоци за увоз: давачки, транспорт, хомологација, данок на луксуз и данок за CO₂, на крајот ве чини околу 20.000 евра. Практично, речиси уште 10.000 евра одат за дополнителните трошоци и давачки поврзани со увозот на возилото – објаснува тој.

Според А. Г., доколку се реализира најавеното олеснување, поевтинувањето ќе се почувствува и кај новите и кај половните автомобили.

– Мислам дека давачките ќе паднат максимум за 2.000 евра, но и во тој случај граѓаните ќе имаат корист. Очекувам дека навистина ќе се намалат. Ако се намалат давачките, разликата ќе се почувствува, односно и новите и половните автомобили би можеле да поевтинат за 2.000 до 3.000 евра. Новите автомобили се царинат по фактура, додека половните не се вреднуваат според цената по која се купени, туку според нивната моментална пазарна вредност, вели тој.

Тој додава дека сегашните давачки се исклучително високи и може да достигнат околу 80 проценти од вредноста на автомобилот.

– За автомобил од 2023 година, кој чини 11.000 евра, со сите давачки цената достигнува околу 20.000 евра. Доколку се намалат давачките, може да падне на 17.000 евра. Тоа би било добро и за граѓаните, кои ќе добијат поевтин автомобил, и за увозниците и дистрибутерите, на кои ќе им се намалат трошоците – посочува А. Г.

Тој смета дека при увозот треба да им се даде предност на автомобилите со евро 6 стандард, наместо да се овозможува увоз и на возила со евро 5 стандард, кои повеќе загадуваат.

Предлогот за намалување на увозните давачки го поднел независниот пратеник Миле Цеков, кој бара укинување на вредносната компонента на данокот, односно таканаречениот данок на луксуз, за автомобилите со вредност до 20.000 евра, како и ослободување од CO₂-давачката за возилата со евро 6 стандард или повисок.

Според пресметките наведени во образложението на предлог-законот, за автомобил со вредност од 15.000 евра што го исполнува стандардот евро 6, вкупните увозни давачки би се намалиле од сегашните 6.000 до 7.000 евра на приближно 2.700 евра. Тоа би значело заштеда од неколку илјади евра за купувачите, доколку бидат усвоени измените.

Целта на предложените законски измени е да се намали финансиското оптоварување на граѓаните, да се овозможи полесно купување понови и поеколошки автомобили и да се поттикне обновувањето на возниот парк во земјава.

Во образложението на иницијативата се укажува дека Македонија има повисоки трошоци за увоз на возила во споредба со дел од соседните држави. Според споредбените пресметки на подносителот, за автомобил вреден 15.000 евра, давачките во Албанија изнесуваат околу 3.000 евра, во Косово, Србија и во Црна Гора приближно 3.500 евра, додека во Босна и Херцеговина околу 2.550 евра.

Цеков укажува и на проблемите со царинското вреднување на половните автомобили. Според него, се случува возило купено за 15.000 евра, при царинската постапка да биде проценето на 19.000 евра, со што дополнително се зголемуваат трошоците за увоз.

Како проблем се посочува и непризнавањето на сертификатот ЕУР.1 во одредени случаи, што може да влијае врз конечниот износ на царинските давачки.

Предлог-законот треба да ја помине собраниската процедура, по што ќе биде познато дали ќе добијат предложените даночни олеснувања поддршка од пратениците. Дотогаш, постојните правила за пресметка на увозните давачки остануваат во сила.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ